Потпишан договорот за тунелот од пругата Македонија-Бугарија од Коридорот 8

Од:

Македонија и Бугарија ги дефинираат активностите и меѓусебните обврски за изградба на меѓуграничниот железнички тунел на Коридорот 8 со Договорот што го потпишаа денеска вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски и неговиот бугарски колега Гроздан Караџов, на железничката станица Ѓуешево.

Договорот за подготовка, изградба и оперативност на тунелот, што ќе биде меѓугранична точка на двете држави на Коридорот 8 за директната железничка врска меѓу Скопје и Софија, беше потпишан во присуство на претставници на Европската комисија, НАТО, САД, Европската инвестициска банка, Европската банка за обнова и развој и на Светска банка. На церемонијата присуствуваше и амбасадорката на САД Анџела Агелер.

Проектираната должина на тунелот е околу 2,4 километри, 1.189,30 метри на македонска територија, а 1.193,70 метри на бугарска.

– Договорот е сон на генерациите од двете страни на границата, нешто за што сме читале, за што се учело додека сме биле деца дека двете држави, двата главни града и Софија и Скопје треба да се поврзат со железничка врска, рече вицепремиерот Николоски, на церемонијата во Ѓуешево, најзападната и највисоко лоцирана железничка станица во Бугарија, на 933 метри надморска височина.

Караџов посочи дека овој ден е исклучително важен и оти се исполнува сон на многу генерации. – Отвораме, возобновуваме железница стара повеќе од 100 годони. Нам ни падна честа со Николоски да го реализираме овој проект, изјави Караџов.

Пругата Скопје-Софија, чија изградба е почната во 1994 година, се гради во три фази, а проценките на надлежните институции се дека со неа ќе се зголеми товарниот превоз за над 30 проценти, а патничкиот сообраќај за 20–25 проценти во првите години по изградбата. Завршена е изградбата и реконструкцијата на првата делница Куманово – Бељаковце во должина 30,8 километри (40,5 милиони евра). Во тек е изградба на нова и реконструкција на постојната делница Бељаковце – Крива Паланка во должина од 34 километри и вредност од над 155 милиони евра, каде прогресот на работите е 35 проценти, а рокот за заврување е крајот на 2026 година. За третата делница од Крива Паланка до границата со Република Бугарија, која во продолжение ќе го опфати и тунелското решение, според најавите, следниот месец ќе се распише повикот за избор на изведувач. Изградбата на третата делница од Крива Паланка до границата со Бугарија, во должина од 23,4 километри со планирани 22 тунели, од кои и меѓуграничниот, како и 52 моста, се смета за најголем предизвик. Со тендерот што пропадна, како што објави новата влада на почетокот на мандатот минатата година, вредноста од првично планираните 340 милиони евра била зголемена на 560 милиони евра.

Македонија и Бугарија, по повеќемесечен застој на крајот на јуни на министерско ниво постигнаа договор за придвижување на работите за железничкото поврзување. Следуваше состанокот на делегации на двете држави на 16 јули во Брисел на кој беа идентификувани приоритетите меѓу кои и повторно објавување на тендерот за работите на железничкиот дел помеѓу Крива Паланка и влезот на прекуграничниот тунел до крајот на годинава од страна на државава.

На западното крило на железничкиот Коридор 8, предвидена е изградба на пруга од Кичево до Лин, за што подготвен е и проект. Владата неодамна најави и проект за реконструкција на линијата Скопје -Јегуновце-Тетово-Гостивар-Кичево во должина од 103 километри. Добиен е грант од ЕУ од 5,3 милиони евра за изработка на еколошка студија, физибилити студија и подготовка на тендерска докумeнтaција. Се очекува за две години да се избере изведувач.

Би можело да ве интересира

Николоски и Караџов во четврток ќе го потпишат договорот за меѓуграничниот железнички тунел на Коридор 8

Николоски од Брвеница: Со градоначалникот Илиевски ја развиваме Брвеница, опонентите се нервозни, ветуваме специјален буџет за нови проекти

Николоски: По Барселона, од денеска се лета и до Мадрид

А1он

(ВИДЕО) Николоски: Со Лабудовиќ како иден градоначалник на Центар ќе најдеме решенија за сите проблеми во Маџир Маало

Горан Наумовски

Николоски: Гевгелија ќе биде централно место за бизнис и туризам во целиот регион

А1он

(ВИДЕО) Николоски: Венко Филипче и СДС се во целосна координација на нивниот лидер во сенка-Зоран Заев

Горан Наумовски