Поетроника, интервју со Митковски и Салпе: Идејата е авангардата да ја направиме мејнстрим

Од:

„Сакам да верувам дека „Поетроника“ може да иницира извесен импакт што би резултирал со пошироко прифаќање и повторно вљубување во поезијата. Поради долгата традиција на создавање поезија на овие простори, како израз или крик низ сите историски премрежија, но и поради убавината и суптилноста што ја носи и која, секогаш, оплеменува.“

Разговарала: Ана Василевска

Поетроника е повеќе од уметнички проект – тоа е експеримент што ја спојува поезијата со електронската музика во автентична, интимна и современа форма. Зад идејата стојат Оливер Митковски и Андреа Салпе, кои веруваат дека авангардата може да стане мејнстрим, а поезијата – повторно привлечна за новите генерации. Нивниот пристап, ослободен од патетика и академски шаблони, нуди поинакво доживување на зборот и звукот, при што поезијата дише во ритамот на електронскиот пулс, а музиката ја следи суптилноста на стихот.

По повод настапот на 29 октомври во Паблик Рум, каде Поетроника ќе настапи заедно со српската поетеса Радмила Петровиќ, Митковски и Салпе зборуваат за настанувањето на проектот, за реакциите на публиката, за довербата во креативниот процес и за нивната визија – уметноста што доаѓа од маргините да стане центар на културното внимание.

Како настана идејата за „Поетроника“ – кој беше првиот импулс што ве натера да споите поезија и електронска музика во една целина?
Aндреја: Првиот импулс, би рекол, беше потреба од канализирање на креативноста која во тој период знаеше да ни се расплинува во повеќе сфери. Пристапот никогаш не ни бил со тенденциозна цел да споиме нешто, ниту, пак, да докажеме некаква уметничка теза. Така беше и со процесот на формирање на Поетроника, не како обид да се соедини електронската музика со поезијата, туку повеќе како потреба да се помине продуктивно време во нешто што за нас би имало смисла.

Оливер: Пред воопшто да се познаваме, постоела интенција кај обајцата кон поинаков третман на поезијата. поинаква интерпретација и вметнување на истата во различен контекст. Кај Андреја тоа се случувало преку претходни колаборации и пишување поезија, а кај мене преку експериментирање на разни настани, промоции, а паметам и еден музички настан базиран на џез импровизација со кратки прозни форми, одржан во Филхармонија. Исто така, обајцата на еден или друг начин веќе извесно време бевме дел од електронската музичка сцена.

Поетроника е и едукативен проект. Како младите ја прифаќаат поезијата кога им се презентира во овој современ аудиовизуелен контекст?

Оливер: Сè уште е рано да се каже, но има индиции кои укажуваат дека младите, во принцип, се поотворени кон нови идеи и контексти. Пример за тоа се многубројните млади поети кои се во постојан тек со еволуцијата на „Поетроника“ и искрено им се допаѓа. Мислам дека, генерално, во кодот на Македонецот е всаден еден ирационален културен конзерватизам — делумно од игнорантност, делумно од страв од промени. Оттука, постои бајас во вреднувањето на културата, каде старото се смета за свето, а новото, барем на почеток, за закана.

Андреја: Поетроника е едукативен проект или би можел да биде, доколку институциите го препознаат нејзиниот потенцијал за едукација на младите. Тоа би бил само еден од можните начини на кои би можело реално да се приближи македонскиот пишан збор до поширок круг на млади генерации, за поезијата да не се доживува како нешто стерилно што треба да се учи на памет и нема врска со нивната реалност. За жал, ми се чини дека системот сè уште ги доживува ваквите, според мене, прогресивни идеи како налудничави. Оттаму, можеби, произлегува и оној суптилен презир кај младите кон нешто што, всушност, треба да им биде сврзно ткиво. Сепак, ако ги оставиме на страна моите институционални очекувања, имам чувство дека младите суштински го препознаваат проектот, го доживуваат како нешто свое, нешто што им е блиско. Сметам дека се доволно луцидни, паметни и едуцирани, впрочем затоа и постојат кругови кои се занимаваат и уште поважно се интересираат за живата култура.

Во изборот на поетите и песните – кои критериуми ве водеа? Дали баравте одреден ритам, тема или емотивна енергија што може да се „преведе“ во музика?

Оливер: Одлично прашање. Со оглед на тоа што станува збор за проект што носи во себе извесна иновативност (не во самата синтеза на музика и поезија, повеќе во смисла на иновативен третман на истата), немавме стапки во снегот кои можевме да ги следиме. Можеби започнавме со ритам, метрика и слично, но набргу преку експерименталниот и сложен процес, кој сè уште трае, стигнавме до повисоко ниво на умешност која ни овозможи потполна слобода во изборот на различни теми, емоционален набој, фолклорно-лирски песни, елегични, современи песни со „откачена“ структура, проза, па дури создадовме и една песна од СМС порака што ни изгледаше доволно поетична.

Андреја: Не би рекол дека постои некаков формален критериум во изборот на поетите или песните. Повеќе е момент на препознавање, затоа што се водиме на некој начин од некоја индивидуална сродност со текстот. Во таа смисла, ослободени сме од товарот на изборот, бидејќи димензијата на песната ја даваме ние.

Перформансот се опишува како „волшебна комуникација меѓу музиката и поезијата“. Како изгледа вашиот процес на создавање – што доаѓа прво, зборот или звукот?

Оливер: Во првиот албум што го издадовме, најчесто прво избиравме песна, па создававме музичка структура и основен амбиент. Потоа ги снимавме вокалите, а на крај сето тоа го доработувавме во финален продукт. Имаше и песни создадени по поинаков редослед, како и песни кои се случија спонтано, како резултат на моментална инспирација или импровизација. Веќе некое време креираме музички сесии базирани на импровизација, без однапред утврдени насоки, само се следиме и препуштаме на оној синхронизитет што произлегува од сличниот вкус и долгата соработка.

Како реагираше публиката на спојот на електроника и поезија, нешто што е реткост дури и во поширокиот регионален контекст?

Андреја: Заеднички, а и одделно, сме дел од независната сцена во земјава, на некој начин и самите учествуваме во нејзиното обликување.

Затоа би било, да не речам, на граница со лудост да се очекува масовно препознавање на ова што го правиме. Таквото нешто би зборувало за еден поинаков вид „Македонец“ — култивиран, смел и отворен за промени. Но, како и да е, сметам дека новите и прогресивни идеи секогаш и секаде имаат свој пат или процес низ кој мора да поминат пред да станат „мејнстрим“. Идејата е авангардата да ја направиме мејнстрим :) Сакам да верувам дека меѓу нас сè уште има луѓе кои гледаат напред, а не назад. И навистина, првите што го препознаа проектот беа оние што веќе биле упатени или доволно отворени да видат или почувствуваат што навистина се случува.

Оливер: На првите концерти не наидовме на голем одѕив, но имаше доволно луѓе без предрасуди, кои ја сакаат и музиката и поезијата. Некои од нив индиректно го следеа целиот процес. Имаше и релевантни луѓе кои долго работат во музичката индустрија, како и музички критичари со префинет вкус. Сите тие го препознаа потенцијалот на „Поетроника“.

За личниот пристап и соработката

Оливер, вашиот сценски настап често го опишуваат како интимен, речиси исповедален. Како успевате да ја направите поезијата толку блиска и разбирлива за секој гледач?

Оливер: На самиот почеток од процесот ми се наметна потребата да се ослободам од оној длабоко вкоренет интерпретативен пристап кон поезијата наречен „рецитација“. Отсекогаш чувствував некаква неподнослива, речиси иритантна артифициелност а за чудо, таквиот фалш што се движи од неприродна торжественост до неподнослива патетика со секогаш иста градација, одамна беше прифатен (а веројатно и сè уште е) од страна на образовниот систем.

Андреја, електронската музика во проектот звучи и современо и емотивно. Како го најдовте балансот меѓу техничката структура и поетската нежност?

Андреја: Клучот е во самото поимање на тоа што значи „електронска музика“. На пристапот и начинот на изведување гледам како на џез, не во смисла на технички надмудрувања, туку како на најслободна форма на израз. Инаку, симбиозата настанува токму преку самото повторување на фрази и преклопувањето на секвенци, што, според мене, создава совршена подлога за нарација. Преку Поетроника, на некој начин, се ослободив од потребата за класична структура, од идејата дека секоја трака мора да има кулминација или дека секоја песна мора да следи строфа–рефрен форма. Од секогаш сум знаел дека ништо не мора, но сега чувствувам дека сум таму.
Вашата соработка изгледа како исклучително чиста од его и суета. Како се одржува таква динамика во креативен процес што бара толкава синхронизација?

Оливер: Преку апсолутна доверба. Во „Поетроника“ не постои мој и твој дел. Изборот на песни најчесто го правам јас, но понекогаш изборот е на Андреја. Не постои песна на репертоарот за која немало заеднички консензус. Секогаш се консултираме за начинот на интерпретација при снимање на вокалите. Понекогаш јас создавам базични атмосфери и амбиентални музички текстури, кои тој подоцна ги обработува во финални звучни таписерии.

За поширокиот контекст

Овој проект веќе ја надминува локалната сцена, особено со гостувањето на српската поетеса Радмила Петровиќ. Каде ја гледате „Поетроника“ во иднина – како регионално движење, албум серија, фестивал?

Оливер: Да, оваа колаборација со Радмила е вистински предизвик. Инаку, сметам дека е невозможно да се предвиди идната траекторија на

„Поетроника“, затоа што фокусот и возбудата секогаш се насочени кон актуелните предизвици и се одвиваат по спонтан и природен пат. Сепак, летово од Атина стигна првата понуда за настап надвор од нашите граници на голем музичко-поетски фестивал што треба да се одржи напролет. Од истата организација, Institute for Experimental Arts, добивме и понуда за издавање на третиот албум под нивниот лејбл, кој стои зад артисти што креираат фузија од поезија, амбиентална и електронска музика.

Андреја: Би сакал да ги повикам сите сладокусци да купат карта за претстојниот заеднички перформанс на Поетроника со Радмила Петровиќ, во

Паблик рум на 29 октомври, бидејќи на ова гледам како соработка со супстанца и смисла. Исто така, би додал дека деновиве, на издавачката куќа од Амстердам „Sinchi Collective“, излезе третото видео од трилогијата „Poetronika – Euroasia Trilogy“. Станува збор за сетови снимени во музејскиот простор на Македонскиот народен театар, во кои користиме текстови од Ацо Станковски, да бидам попрецизен, делови од неговото интервју за Маргина (1995), потоа поезија од Игор Исаковски и Гого Ивановски

Дали мислите дека „Поетроника“ може да биде патот по кој ќе се врати интересот за поезијата во јавниот простор? Каква културна промена посакувате да поттикнете со овој проект?

Оливер: Сигурен сум дека проектот ја предизвикува домашната електронска музичка сцена, на која, со неколку исклучоци, речиси и да не постојат артисти што создаваат автентична музика. Делумно тоа можеби е резултат на глобалната заситеност од концептот создаден на почетокот на 90-тите и потребата од нова перспектива. Сакам да верувам дека „Поетроника“ може да иницира извесен импакт што би резултирал со пошироко прифаќање и повторно вљубување во поезијата. Поради долгата традиција на создавање поезија на овие простори, како израз или крик низ сите историски премрежија, но и поради убавината и суптилноста што ја носи и која, секогаш, оплеменува.

Би можело да ве интересира

Фотографии од браќата Манаки во старо-ново руво

Вечерва официјално се затвори МТФ Денови на комедија Куманово 2025 при што се доделија и наградите

Предраг Петровиќ

Објавен е регионалниот книжевен избор „Штефица Цвек“ за 2025 година.

Предраг Петровиќ

Македонскиот филм „Диџеј Ахмет“ вечерва го затвора 46. издание на ИФФК „Браќа Манаки“: Боите на фолклорот на Јуруците за мене како кинематографер беа највпечатливи, рече Наум Доксевски

Вчера вечер во Центарот за култура „Трајко Прокопиев“ во Куманово се отвори МТФ Денови на комедија 2025 година.

Предраг Петровиќ

(ВИДЕО) Спасен Силјаноски: Имаме поголем морал од српките пејачи, зошто би се соблекувал гол?

Предраг Петровиќ