Европската Унија го одобри 19-от пакет санкции кон Русија, насочени кон „флотата во сенка“ и рускиот банкарски и енергетски сектор, изјави претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта при пристигнувањето на денешниот Самит на ЕУ во Брисел.
– Европскиот совет денеска ќе донесе политичка одлука за да ги осигураме финансиските потреби на Украина за 2026 и 2027 година, вклучително и за набавка на воена опрема, рече Кошта придружуван од украинскиот претседател Володимир Зеленски.
Кошта нагласи дека ваквата одлука претставува многу јасна порака до Русија дека ЕУ ќе продолжи да ја поддржува Украина се додека е потребно и колку и да биде потребно, потенцирајќи дека му е чест што на Самитот е присутен и Зеленски, како претседател, на како што рече, идна земја членка на Унијата.
Според Кошта, денес е јасно дека иницијативата на американскиот претседател Доналд Трамп што поттикна големи очекувања, не наиде на добра волја од страна на рускиот претседател Владимир Путин и Русија ги засили нападите врз украинските цивили и цивилни објекти, па затоа ЕУ мора да продолжи да ја поддржува Украина во борбата за праведен и траен мир.
– Пораката до Русија е јасна. Ние не сме уморни и ќе продолжиме со поддршката политички, воено и финансиски. Русија мора да сфати дека мора да престане да убива цивили и да уништува цивилна инфраструктура во Украина. Мора да ја запре војната и мора да ги прифати дипломатските напори за мировни преговори. На сите им е јасно дека претседателот Зеленски прифаќа прекин на огнот и преговори, сега треба и Русија да го прифати тоа, додаде Кошта.
Зеленски, од своја страна, се заблагодари за одобрувањето на 19-от пакет санкции кон Русија, нагласувајќи дека тоа е исклучително важно за Украина и се надоврзува на вчерашната одлука на Трамп за енергетски санкции кон Москва.
– Русија покажува дека не сака да ја запре војната и продолжува да напаѓа детски градинки, училишта и цивили. Тоа значи дека не само што треба да се браниме, туку и заедно со ЕУ и САД, да го засилиме притисокот за запирање на оваа војна, рече Зеленски.
Тој истакна дека примирје во Украина е можно, но за да се постигне тоа потребен е поголем притисок врз Русија, додавајќи и дека Киев нема да се согласи на територијални отстапки во замена за прекин на војната.
Прашан за можноста за испорака на ракети “Томахавк“ од САД за Украина, Зеленски рече дека до неодамна изгледаше невозможно и дека Вашингтон ќе воведе енергетски санкции кон Русија, но тоа сега е реалност.