Поранешниот министер за внатрешни работи на Словенија и еден од најблиските соработници на Јанез Јанша – Алеш Хојс, напиша на мрежата X дека полицијата ја претресува неговата куќа.
Истрагата ја води Специјалното државно обвинителство, кое го сомничи Хојс за соработка со Кавачкиот клан.
Генералната полициска управа на Словенија објави дека претресот на куќата на Хојс не го извршила полицијата.
„Според информациите што ги знаеме, постапката ја спроведува Одделот за истраги и гонење на службени лица со посебни овластувања при Специјализираното државно обвинителство“, објави ГПУ.
Специјализираното државно обвинителство потврди дека претресите на куќите во овој случај ги врши нивниот специјален оддел, без да даде дополнителни детали.
Хојс им рече на новинарите пред својата куќа дека не знае што бараат истражителите, дека знае само дека е осомничен за соработка со Кавачкиот клан.
Претресот на куќата во Љубљана траел седум часа, јавува РТВ Словенија.
„Кривичните истражители го претресоа и автомобилот на Хојс и оттаму одзедоа уште еден мобилен телефон“, се наведува во извештајот од местото на настанот.