Јавното претпријатие „Комуналец“ информира дека водата за пиење во дел од улиците во Неготино е забранета за употреба поради присуство на непознат мирис и вкус.
Засегнати се улиците Индустриска, Маршал Тито, 29 Ноември, 11 Октомври, Никола Петров, Манчо Малиминов, Душан Јуруков, Димче Мирчев, Гоце Делчев, Питу Гули, Васка Калајџиска и Антигона.
Во соработка со Центарот за јавно здравје Велес и други надлежни институции, се земаат вонредни мостри за анализа, а екипи работат на терен за да се лоцира и санира евентуалниот дефект.
„Апелираме до граѓаните кои варат ракија да не ја користат водата за ладење на вулите и да не оставаат црева во резервоарите за ладење, за да не дојде до дополнително загадување. За вакви случаи ќе следуваат санкции“ – се наведува во соопштението на „Комуналец“.
Претпријатието уверува дека се преземаат сите мерки за брзо надминување на проблемот и обезбедување на безбедна вода за граѓаните.