(ВИДЕО) Движење ЗНАМ – За Наша Македонија: Генерал Горанчо Котевски, поранешен Началник на Генералштабот на АРМ за носител на Советничката листа за град Скопје

Од:

Движењето ЗНАМ – За Наша Македонија на денешната прес конференција ги соопшти носителите на советничките листи за претстојните локални избори во скопските општини и во градот Скопје. Портпаролот на Движењето, Никола Мемов рече дека ЗНАМ ја претвора довербата на народот во силни советнички листи, како и во конкретни програми, проекти и одлуки што носат вистинска промена.

„Зад нас се месеци исполнети со посветена работа на терен, во кои преку двете кампањи низ целата држава илјадници граѓани ни ја доверија волјата визија за подобар живот во своите општини. Со гордост, но и со чувство на голема одговорност дозволете ми пред граѓаните на Република Македонија да ги соопштам донесените одлуки.

Мемов рече дека на последната седница на Извршниот одбор на Движењето ЗНАМ за Наша Македонија била усвоена одлука на претстојните избори да настапите со свои советнички листи во 53 општини, плус Градот Скопје.

„Оваа бројка е гласот на народот. Оваа бројка е доказ дека Движењето ЗНАМ е најбрзо растечкото движење во Македонија. Секој град, секоја општина, секое маало што ќе добие наша советничка листа е симбол на довербата која ја градиме со луѓето. Нашата визија за чесна, праведна и посветена политика ја обедини енергијата на граѓаните од цела Македонија. Во редовите на ЗНАМ за кандидати за членови на совет се приклучија доктори, професори, инженери, спортисти, угледни луѓе од сите области. Дозволете ми да ги соопштам носителите на советничките листи во скопските општини:

-за носител на листата во Аеродром, предложен е Љупчо Марковски Калц, поранешен капитен на фудбалската репрезентација на Македонија и член на златната шампионска генерација на Вардар

-за носител во Центар е предложен м-р Крумислав Мишко Барзов магистер по спортски менаџмент, член на европскотo жири за автомобил на годината и еден од најистакнатите автомобилски ентузијасти во државата

-за носител во Карпош е предложен проф д-р Јасмин Циривири, професор на Медицинскиот факултет на Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип, врвен хирург ортопед во Градската општа болница „8 Септември“ во Скопје;

– за носител во Бутел е предложен Ѓорги Станко Чековски, член на кошаркарската репрезентација на Македонија и дел од тимовите на „МЗТ Скопје“ и „Работнички“;

-за носител во Гази Баба е предложен Зоран Доневски, пензиониран началник во полицијата, дипломиран економист, почитуван и познат помеѓу граѓаните на Гази Баба како чесен и професионален во неговата кариера;

– за носител во Ѓорче Петров предложен е Тони Симиќ, легендарен центар на кошаркарската репрезентација на Македонија и омилен играч на тимовите на „МЗТ Скопје“ и „Работнички“;

-за носител во Кисела Вода предложен е Сашо Петровски, дипломиран економист, истакнат приватен стопанственик;

-за носител во Чаир предложен е Николче Наумов, дипломиран правник, докажан експерт од областа на кривичното право, истакнат адвокат кој ќе биде коректор на одлуките и гарант на законитоста во работењето на Општина Чаир“, соопшти Мемов.

Тој нагласи дека ова се луѓе со интегритет, со знаење и со чиста и искрена намера да работат за нивните соседи, за нивните заедници, за наша Македонија.

„Тие се нашата најголема гаранција дека ветувањата ќе станат дела, дека ќе изградиме поуредени општини, поурбанизирани места за живеење, почиста животна средина и подобар квалитет на живот за сите.

Извршниот одбор донесе одлука за поддршка на натпартискиот кандидат за градоначалник на Општина Кочани – д-р Влатко Грозданов“, рече Мемов и додаде дека со оваа одлука јасно покажуваат дека нивната борба не е за партиски интереси, туку за визија, одговорност и напредок.

„Во градот Скопје ќе настапиме со силна листа, предводена од Генерал Горанчо Котески, поранешен Началник на Генералштабот на АРМ. Човек кој целиот свој живот го посвети на одбраната и безбедноста на државата, човек кој ја носеше униформата со чест и достоинство. Денес, тој ја носи визијата за развој на нашиот главен град – срцето на Македонија, градот кој ги собира сите бои, култури и генерации. На градската листа ќе препознаете луѓе кои секојдневно вложуваат во развојот на главниот град, луѓе со кредибилитет, искуство и искрена љубов кон Скопје.

Дозволете ми покрај носителот на листата Генерал Горанчо Котески да Ви претставам само дел од предложената градска листа:

– Проф. д-р Билјана Андреска Богданоска, доктор на економски науки, актуелен Ректор на Европски универзитет – Скопје;

– проф д-р Горан Ајдински, редовен професор на Филозофскиот факултет на УКИМ, декан на Факултетот во два мандати

-Мире Јанев, скопска урбана легенда, сопственик на култниот локал „Плеј кафе“ на улица „Македонија“, познат како Миро Плеј;

Ова се луѓе кои го чувствуваат пулсот на градот, кои ја знаат секоја негова мака, секоја негова надеж и кои се подготвени да го вратат Скопје на граѓаните – чисто, современо и достоинствено.

Дополнително, на последните места од градската листа ќе препознаете актуелни носители на јавни функции од Движењето ЗНАМ, луѓе кои немаат ниту една дамка во своето работење и покажуваат како треба да се раководат институциите во Македонија, луѓе кои со особена чест ја прифатија одговорноста да бидат дел од оваа листа.

На листата се предложени:

– д-р Лилјана Којиќ, директор на Здравствен дом „Железара“

– Виктор Јовановски, Член на УО и директор на секторот за комерција во ЕСМ;

-д-р Злате Мехмедовиќ, директор на Универзитетската Клиника за физикална медицина и рехабилитација;

– Марин Докузовски, истакнат спортски работник, селектор на кошаркарската репрезентација на Македонија и тренер на „Работнички“;

– Игор Трајановски, доктор на општествени науки, Генерален директор на АД „Аеродроми на Македонија“, рече Мемов.

„Тоа е најсилниот доказ за нашата суштина и пристап во политиката – во ЗНАМ нема привилегии, нема затворени кругови, нема политика за фотелји и за лични интереси.

Ова е само почеток. Силата на ЗНАМ секојдневно расте – во секоја општина, во секој дом, во секое семејство. Со овие луѓе, со оваа енергија и со оваа визија сигурни сме дека ќе ја донесеме промената што граѓаните низ целата држава ја заслужуваат“, соопшти портпаролот на Движењето ЗНАМ – За Наша Македонија, Никола Мемов на денешната прес конференција.

Би можело да ве интересира

Лабудовиќ присуствуваше на свечената академија по повод одбележувањето на Денот на независноста – 8 Септември

Горан Наумовски

Димитриески за нов градоначалнички мандат во Куманово, Лабудовиќ за Центар и поддршка од ВМРО-ДПМНЕ

Предраг Петровиќ

Димитриевски: По одржувањето на седница на највисоките тела на Движењето ЗНАМ ќе биде соопштен ставот за кандидатите за градоначалници

Горан Наумовски

ЗНАМ: Филков е симбол на тоа каков треба да биде еден јавен функционер

Фондот на пензиското и инвалидското осигурување на Македонија размената на податоците по електронски пат ќе ја остварува и со Фондот на Република Српска

Реакција на движење ЗНАМ за Наша Македонија на изјавата на Изет Меџити