Во ексклузивно интервју за „Еуроњуз“, српскиот претседател Александар Вучиќ ја разјасни ситуацијата во врска со немирите и го повтори својот повик за дијалог со демонстрантите, девет месеци откако започнаа протестите низ целата земја.
Србија и нејзината влада остануваат посветени на дијалогот и покрај одбивањето на демонстрантите да ги прифатат неговите понуди за јавна дебата или предвремени избори, изјави претседателот на Србија, земја од Западен Балкан и кандидат за членство во ЕУ, Александар Вучиќ, за „Еуроњуз“.
Во врска со ова, тој ја повтори својата понуда до демонстрантите да седнат на маса и да разговараат на јавна дебата, нешто за кое рече дека веќе го предложил неколку пати.
„Ова не беше моја прва покана. Всушност, тоа беше моја петта или шеста покана за дијалог, за отворен разговор. Дури им понудив и отворена ТВ дебата. Тие можат да ја изберат темата, можат да го изберат студиото. И бев подготвен јавно да зборувам за тоа, бидејќи верувам дека нема алтернатива освен дијалогот“, рече Вучиќ.
И покрај тоа што неговата последна понуда за јавно интервју беше одбиена, Вучиќ рече дека понудата сè уште важи.
„Мојата понуда ќе важи сè додека не ја прифатат, бидејќи еден ден ќе мора да разговараат со некого.“
Серијата протести низ цела Србија започна како одговор на несреќата во Нови Сад во ноември 2024 година, кога се урна настрешница на железничката станица, при што загинаа 16 лица.
Демонстрациите, предводени главно од универзитетски студенти, првично беа мирни, но во последните недели станаа насилни.
Во средината на август, имаше зголемување на физичките судири меѓу демонстрантите и полицијата, при што канцелариите на СНС беа запалени на места како Нови Сад и Ваљево, што резултираше со бројни повреди на полицајци и десетици апсења.
„Секаков вид насилство што го видовме на улиците не е добро за оваа земја. Ако видите некој како пали или фрла камења врз просториите на владејачката партија или напаѓа луѓе што се внатре и разговараат за нивните проблеми, тоа не е добра слика. Ова не е добра ситуација за Србија ако сакаме да привлечеме нови инвестиции, ако сакаме да привлечеме нови туристи и да кажеме – дојдете, ние сме една од најбезбедните земји во Европа. Ова не се добри работи“, рече Вуќиќ.
И покрај обвинувањата дека полицијата користи прекумерна сила за да ги потисне немирите и уништувањето на имотот, Вучиќ ја поддржа полицијата, велејќи дека тие останале мирни и покрај директните закани за насилство од демонстрантите.
– Реакцијата на српската полиција во споредба со полициите на големите земји од ЕУ е речиси неспоредлива, објасни Вучиќ.