(ВИДЕО) Трајчулески до Мицкоски: Зошто го отворате прашањето за македонскиот јазик, не враќате во времето на Груевски со истите мотиви?

Од:

Пратеникот на СДСМ, Митко Трајчулески, на денешната собраниска седница посветена на пратенички прашања, упати прашање до премиерот Христијан Мицковски зошто повторно се отвора веќе затвореното прашање за македонскиот јазик и македонскиот идентитет. Дали Мицковски сака да ја врати Македонија во времето на режимот на Никола Груевски, и дали негирањето на македонскиот идентитет од страна на Бугарија денес се користи на ист начин како што Груевски го користеше грчкото вето во 2008 година, како изговор за внатрешна пресметка и задржување на власта, праша Трајчулески.

Во продолжение следува интегрален текст од прашањето:

„Помина нешто повеќе од една година од формирањето на владата предводена од Вмро-Дпмне. После една година практикување на власт, јас сакам да се вратам на почетокот, на денот кога оваа влада беше конституирана во ова Собрание.

Тогаш, од оваа говорница потсетив на главните очекувања кои ги имаат граѓаните од оваа влада, а врз основа на главните политички ветувања кои Вмро-Дпмне ги даваше во текот на предизборната кампања.

Ваши главни политички ветувања во однос на нашите евроинтеграции беа обезбедување на подобрена преговарачка рамка и уставни измени со одложено дејство.

За жал, во текот на оваа година, власта се соочи со политичката реалност, особено во меѓународната политика, и не само што не успеа да обезбеди подобрена преговарачка рамка и уставни измени како што ветуваше, туку нашите меѓународни позиции особено во однос на нашиот европски пат дополнително драматично се влошија.

Наместо подобрена преговарачка рамка, Македонија се соочи со силен ксенофобичен атак од страна на бугарските негатори на македонскиот јазик и идентитет олицетворен во дебатата за Извештајот за Македонија во Европскиот парламент.

Се реотвори прашањето кое беше целосно затворено за 26 земји членки на Унијата, освен за Бугарија. Повторно на маса се става македонскиот јазик и посебност кое беше целосно затворено прашање, со признат македонски јазик и идентитет во сите официјални документи на Унијата.

И денес имаме уште еден предлог од Ваша страна за заедничка резолуција со Бугарија до Европскиот парламент со која би се потврдил македонскиот јазик и идентитет. И замислете, предлагате оваа резолуција да биде поднесена од страна на бугарски европратеници.

Ќе ја цитирам академик Ќулавкова „Да побарате од Бугарија да поднесеме заедничка резолуција за признавање на ноторен лингвистички, научен и културен факт е еден вид руски рулет за Македонија, крајно неодговорен чин.

Или професорката Јачева Улчар која истакнува дека ваквата стратегија на владата носи ризици и може да создаде уште подлабока и потрајна политичка стапица од онаа со Договорот за добрососедство и со Францускиот предлог.

Македонскиот јазик е признат од сите, освен од одредени структури во Бугарија. Македонскиот јазик и идентитет се затворено прашање за 26 земји членки на ЕУ и за целиот свет. Нашиот јазик е признат во сите документи на ЕУ, вклучително во преговарачката рамка.

Ова македонско собрание има донесено Резолуција со која се забранува било кој и било кога да преговара за македонскиот јазик и идентитет.

Ниту вие, ниту јас, ниту било кој политичар смее да го стави на маса постоењето на посебен македонски јазик и идентитет. Немате потреба да го имитирате вашиот политички ментор. Немој да претставувате лажна слика дека сте херои. И во ваше и во наше време, веројатно и во некое идно време ќе постојат бугарски структури кои ќе продолжат да го негираат Македонскиот идентитет. Не постои Македонец, без разлика на политичка припадност кого не го болат ксенофобичните напади на Бугарските европратеници врз Македонскиот идентитет на кои бевме сведоци по повод дебатата во Европскиот парламент за Извештајот за напредокот на Македонија.
Прашањето е кој какви мотиви има. Се ми се чини дека историјата се повторува како фарса. Вам ви треба алиби за прикривање на неспособноста на вашата Влада да испорача политики за подобар живот на граѓаните. Вам очајно ви треба старата испробана поделба на предавници и патриоти. Се разбира вие и Груевски сте патриотите, а сите ние од опозицијата клетите предавници и соработници на Бугарија. Со ваквата непромислена политика, а сакајќи да го компензирате неуспехот на Владата да ги испорача предизборните ветувања, ја правите најголемата политичка стратешка грешка. Моето прашање до вас е: Дали сакате Македонија да ја вратите во 2008 кога Груевски почна да го спроведува режимот? И дали за вас бугарското негирање на македонскиот идентитет во дебатата за Извештајот за Македонија во Европскиот парламент е истиот мотив како што беше грчкото вето на НАТО Самитот во Букурешт за вашиот партиски претходник Никола Груевски?“.

Би можело да ве интересира

Левица: Мицкоски го штити Коцевски – Коцевски ги штити вмровските функционери од одговорност за Кочани

Шукова: Верувам дека културата не е трошок, туку инвестиција во иднината на еден град

Требаше да биде кандидат на СДСМ, а му се приклучи на тимот на Ѓорѓиевски во трката на Скопје

СДСМ бара Сиљановска да не го потпишува Указот за Законите за полиција и МВР

Мицкоски: Подобри сме од многу земји во однос на минималата плата споредена со трошоците на живот

„Гугл“ и „Фејсбук“ ќе купува струја од Македонија, најави Мицкоски

Горан Наумовски