Војската на Тајланд денес соопшти дека судирите меѓу тајландските и камбоџанските трупи продолжуваат и дека Камбоџа користи тешко оружје, вклучувајќи артилерија и ракети. Судирите се водат по должината на нивната граница втор ден по ред.
„Камбоџанските сили спроведоа континуирано бомбардирање користејќи тешко оружје, артилерија и ракетни системи БМ-21“, се вели во соопштението на тајландската војска.
Тајландските власти прогласија пет области во покраините Си Са Кет и Убон Рачатани – до 40 километри од границата со Камбоџа – за области со висок ризик бидејќи се во дострел на камбоџанските воени ракети.
Ракетните системи БМ-21 на Камбоџа имаат дострел од 20 км, додека ракетните лансери тип-90Б PHL-81 можат да работат на дострел до 40 км, објави „Бангкок пост“.
Тајланд веќе евакуираше повеќе од 130.000 цивили од Си Са Кет, Убон Рачатани и две други провинции во засолништа за безбедност.
Вршителот на должноста премиер на Тајланд, Фумтам Вечајачаи, изрази сериозна загриженост поради ескалацијата на тензиите на границата со Камбоџа. По вториот ден последователни вооружени инциденти, тој предупреди дека ситуацијата може да излезе од контрола.
„Доколку ситуацијата ескалира, може да се развие во војна, иако засега останува ограничена на судири“, изјави Вечајачаи за новинарите во Бангкок, објави АФП.
Тој нагласи дека судирите веќе негативно влијаеле врз животите на локалните жители и рече дека владата презема сите мерки за „заштита на нашата нација и суверенитет“.