Во текот на денешниот ден имаме девет пожари на отворен простор од кој што, пет се активни, а четири се целосно изгаснати, изјави денеска директорот на ДЗС, Стојанче Ангелов.
– Од пожарите кои се активни најголем проблем ни преставува пожарот над селото Николич, близу Дојран кој се шири кон Општина Валандово – рече Ангелов.
Ангелов рече дека за сузбивање на овој пожар се користи и тешка механизација за да се направи пресек на пожарот, а на терен дејствуваат пожарникари од Валандово, Гевгелија и Струмица, а на нив им помага Доброволното противпожарно друштво од Дојран.
– Вториот пожар кој се прошири денес е на територијата помеѓу Велес и Зелениково. Овој пожар е на тешко достапен терен, а горат грмушки, трева и деградирана шума – рече Ангелов.
Според Ангелов третиот „опасен“ пожар е на територија на Македонски Брод, односно пожарот кај селото Крапа, а сега се проширил кон селата Локвица и Слатино.