„BALANCE“, првата професионална промотерска куќа во Македонија, годинава слави моќен јубилеј – 25 години постоење низ делување и едукација. Дваесет и пет години исполнети со музичка визија, автентичен звук и безрезервна посветеност во развојот на домашната електронска култура и сцена. „BALANCE“ е синоним за детроитското техно, за хаус звукот, но и за вистинскиот андерграунд дух – секогаш чекор пред времето, секогаш автентично.
„BALANCE“ го формираат четворица ентузијасти во далечната 2000 година – Огнен Узуновски, Иван Тодоровски, Самоил Радински и Смилен Димитров. Со јасна визија и под слоганот „Точка на топење“ почнуваат првите чекори. Преку децении на работа „BALANCE“ успеа да создаде сцена, публика, култура и пред се да едуцира генерации за тоа што е квалитетна музика. Ексклузивно и засега единствено од тој тип и жанр, под логото на „BALANCE“, е преведена книгата „Електрошок“ на македонски јазик на култниот француски артист Лорен Гарниер. Ова беше и еден вид на пресвртница бидејќи „BALANCE“ ја прошири улогата од промотер на журки, до издавач и организатор на изложби.
Се почна на 15 јули 2000 година. Детроитската икона Дерик Меј настапи во Градиште. Оттогаш преку „BALANCE“ македонската публика имаше можност да ги чуе и да ги доживее настапите на стотици култни и клучни артисти од сите страни на светот и да го промовира квалитетниот пред се техно, но и хаус и џез. Основана беше музичко издавачката куќа „SEKTOR 909 “ проект и визија на Оги и Сашо Узун. Токму „SEKTOR 909“ стои зад проектот со кој се одбележа јубилејот 120 години Илинден каде свој потпис и печат ставија 25 македонски артисти.
Доказ за уникатноста на „BALANCE“ е проектот „ Мусица Универсалис“. Фузија на детроитскиот андерграуд техно звук и македонската филхармонија под палката на маестро Џијан Емин. Илинден 2014 година – Антички театар Охрид а пред две илјадната публика се Дерик Меј и македонската филхармонија. „MUSICA UNIVERSALIS“ стана бренд амбасадор на Македонија и на „BALANCE“. Со Дерик Меј а потоа и со Хуан Аткинс, македонската филхармонија настапи на три континенти. Визијата на „BALANCE“ беше претставена пред публиките во Лондон, Париз, Мец, Гент, Ница,Белград, Мелбурн, Детроит Приштина и Анаклија во Грузија…
„BALANCE“ беше и останува повеќе од промотер, „БАЛАНЦЕ“ е движење што поддржува и промовира млади домашни артисти – диџеи, продуценти, визуелни уметници.
15 јули е датумот а „Излет кафе“ е местото кае што повторно ќе се собереме сите кои што низ годиниве уживавме во звукот и настаните организирани од „БАЛАНЦЕ“ , а ќе настапат Самоил Радински, Оги Узун, Томи Бојаџи, Маци Стојановиќ и Сашо Узун. „BALANCE“ не е само име. Тоа е бренд кој стои зад развојот на македонската техно и хаус сцена. „BALANCE“ е историја. „BALANCE“ е иднина.