Две жени беа убиени во пукотница во црква во Лексингтон, Кентаки, откако маж рани полицаец за време на сообраќајна контрола, соопшти локалната полиција.
Напаѓачот, за кој се верува дека е вмешан во двата инцидента, исто така беше убиен, објави денес АП.
Инцидентот се случил кога полицаец се обидел да запре возило во близина на аеродромот во Лексингтон, но бил ранет, изјави началникот на полицијата Лоренс Витерс.
Осомничениот потоа украл друго возило и се упатил кон баптистичка црква на Ричмонд Роуд, каде што отворил оган, рече Витерс на прес-конференција.
Две жени, едната на 72 години, а другата на 32 години, беа убиени во пукотницата, потврди канцеларијата на окружниот мртовечник.
Две лица беа ранети во пукотницата во црквата и однесени во локална болница, соопшти полицијата.
Едно лице е во критична состојба, а другото во стабилна состојба, рече началникот на полицијата.
„Прелиминарните информации укажуваат дека осомничениот имал некаква врска со луѓето во црквата“, рече началникот на полицијата.
Пукањето се случило околу 11.30 часот по локално време.
„Се молиме за сите погодени од овие бесмислени акти на насилство и сме благодарни за брзата реакција на Полициската управа на Лексингтон и на државната полиција на Кентаки“, напиша гувернерот на Кентаки, Енди Бешир, на социјалните мрежи.