Комесарот за проширување на ЕУ, Марта Кос, изјави дека Сребреница е длабока рана во европската историја и рече дека „мора да кажеме не на омразата и величењето на воените злосторници“, пренесува Анадолу.
Кос објави видео порака на својот профил на социјалните мрежи X по повод 30-годишнината од геноцидот во Сребреница, кој беше извршен во јули 1995 година од страна на Армијата на Република Српска во тогашната заштитена зона на ОН.
„Денес сум во Сребреница за да им оддадам почит на жртвите од геноцидот извршен во овој регион пред 30 години“, рече Кос.
Таа додаде дека најмалку 8.372 Бошњаци биле систематски убиени, чии останки биле закопани во масовни гробници за да се прикријат трагите од злосторството, а многумина сè уште се водат како исчезнати.
„Сребреница е најлошото злосторство извршено во Европа по Втората светска војна. Денес, седум жртви ќе бидат погребани. Седум ќе го најдат својот мир. Седум кои беа неодамна идентификувани. Најмладите, Сенаџид Авдиќ и Хариз Мујиќ, имаа само 19 години. Најстарата, Фата Бектиќ, имаше 67 години. Се надевам дека нивните семејства барем делумно ќе најдат мир“, рече Кос.
Кос истакна дека геноцидот во Сребреница се случил за време на нејзиниот живот и „толку ни е блиску“, што, рече таа, нè потсетува дека луѓето се способни за незамисливото и дека омразата и дехуманизацијата можат да доведат до најлошите злосторства.
„Сребреница е длабока рана во европската историја. Наша должност е да се сеќаваме, да проговориме и никогаш да не го свртиме погледот кога застапниците на омраза ги доведуваат во прашање човековите права и го поткопуваат достоинството на другите. Мора да кажеме не на поделбата, не на омразата, не на глорификацијата на воените злосторници. Наместо тоа, треба да се свртиме кон заедничка иднина“, рече Кос.
Посмртните останки на уште седум жртви од геноцидот во Сребреница, кои беа убиени во јули 1995 година од страна на припадници на Војската на Република Српска и нивните соучесници, ќе бидат погребани денес како дел од колективен погреб во Меморијалниот центар во Поточари.