Немало докази за направена штета, објаснување од Обвинителство за повлеченото обвинеие против Максим Димитриевски

Од:

По изведувањето на доказите, вештачењата во постапката против кумановскиот градоначалник, Максим Димитриевски, во услови на веќе издадено одобрение за градење, штетата наведена од градежните компании не постои, соопшти денеска Јавното обвинтелство на Република Северна Македонија.

Во соопштението испратено до медиумите, се наведува дека надлежниот јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Куманово до Основниот суд во Куманово доставил известување со кое го повлече обвинителниот предлог кој се темелеше на предложените докази, изготвеното материјално-финансиско вештачење во рамките на преземените истражни дејствија, врз основа на кое произлегуваше дека со дејствијата на извршување на кривичното дело, кои се состојат во непостапување по член 59 ст. 11 од Законот за градење, на двете оштетени правни лица им била нанесена значителна имотна штета во висина од 3.307.869 денари.

– Меѓутоа, по изведување на сите докази во текот на постапката и пред сè исказите на вештите лица произлегува дека тие се едногласни дека сега, во услови на веќе издадено одобрение за градење, штетата наведена во обвинението нанесена на правните лица, поради непостапување по чл. 59 ст. 11 не постои, па оттука неспорно е дека повеќе не се исполнети законските обележја на кривичното дело кое со поднесеното обвинение се ставаше на товар. За да бидат исполнети законските обележја од наведената квалификација неопходно е да постои нанесена-настапена значителна штета, која во конкретниот случај во услови на издадено одобрение за градење не постои, согласно вештаците, наведува ЈОРСМ.

Оттаму додаваат дека јавниот обвинител испитувал и евентуалното сторување на кривично дело со друга правна квалификација, при што уште еднаш темелно ги анализирале сите докази изведени во текот на судската постапка, а предметот по барање на предметниот обвинител два пати бил рефериран и во Јавното обвинителство на Република Северна Македонија.

– Од сите преземени дејствија се утврди дека не постојат цврсти докази со кои надвор од разумно сомневање би се докажало сторувањето на кое било друго кривично дело кое се гони по службена должност, па јавниот обвинител имаше обврска да го повлече поднесеното обвинение, велат од ЈОРСМ.

Еден од адвокатите на оштетените правни субјекти, Виктор Божиновски, на денешната прес-конференција рече дека не постојат правни причини за повлекување на обвинението и не држат аргументите за повлекувањето. Според него, нема правна основа, бидејќи, како што објасни, правните лица потпишале договори со други фирми за почеток на градежни активности, но не ја добиле потребната пресметка за наплата на комуналии и не можеле да почнат со градба.

Божиновски не се согласува дека во работата на општината не одлучувал градоначалникот, туку други сектори, како што е наведено во образложението. Наведено е дека имало и преплетување на законите за градење, за урбанистичко планирање, за локална самоуправа, нагласувајќи дека предмети на обвинение било само дека обвинетиот не постапил согласно член 59, став 11 од Законот за градење.

Адвокатот не се согласува ниту со делот дека градоначалникот не дејствувал сам и дека бил поттикнат од дописите на гимназијата и школската амбуланта, бидејќи кажа стигнале по рокот за доставување на пресметката.

– Што точно се случувало во обвинителството од петок до понеделник, ќе треба оттаму да побарате информација. Сметам дека за две години сме живееле во два паралелни универзуми. Во образложението е дека обвинетиот не ја донел одлуката суспензија на ДУП-от, туку советот, да – ама на предлог на обвинетиот. Од правен аспект, апсолутно нема основ за повлекување, изјави Божиновски.

Судската постапка трае од април лани. Како што објасни тој, судот нема никаква можност веќе, бидејќи обвинителот се откажал од предлогот со што постапката завршува, но нагласи дека оштетените имаат право на парнична постапка, што зависи од нив. Тој посочи и дека, како што рече, се сомневаат во политички притисок.

Основниот суд Куманово донесе пресуда со која обвинението против кумановскиот градоначалник, Максим Димитриевски се одбива, бидејќи јавниот обвинител се откажал од обвинението, соопшти кумановскиот суд.

Градоначалникот Димитриевски беше обвинет, лани во април за „злоупотреба на службената положба“, затоа што советот донесе суспензија на детален урбанистички план. Во рочиштата кои беа одржани изминатиов период, сопственици на градежни компании се жалеа дека имаат штета донесена од суспензијата. Градоначалникот кажа дека ги штити интересите на кумановци, бидејќи изградбата на комплексот згради во централното градско подрачје помеѓу гимназијата и школската амбуланта ќе го наруши хуманото живеење. Завршни зборови беа закажани за утре. На локацијата веќе интензивно се спроведуваат градежни активности.

Би можело да ве интересира

Димитриевски: Конечно правдата излезе на виделина

Обвинителството се откажа, Максим Димитриевски нема да одговара за супензијата на урбанистичкиот план

(ВИДЕО) Манојловска: Се редат скандали во Куманово – фирми на роднини добиваат тендери од Димитриевски

28-годишник тепаше лекари од Итна помош и полицајци, Обвинителството поведе постапка

СДСМ: Најдобриот виц оваа година е дека Максим Димитриевски бил коректор на власта, тој е обичен приврзок на Мицкоски

Димитриевски очекува победа на неговата партија во општините каде ќе имаат свои кандидати за градоначалници