Крајот на војната во Појасот Газа е близу, изјави денесka израелскиот министер за одбрана Израел Кац, додека се наведува дека дневниот број на жртви на палестинската територија е најмалку сто.
„Се приближуваме кон крајот на операцијата во Газа“, рече Кац во соопштение, една недела откако еврејската држава ја заврши својата кратка војна со Иран.
Тој ги повтори целите на Израел во конфликтот, вклучувајќи го ослободувањето на сите заложници и поразот на исламистичката група Хамас.
Американскиот претседател Доналд Трамп изјави во текот на викендот дека очекува наскоро прекин на огнот во Газа. Сепак, не беше јасно на што се темели неговата изјава.
Сега Кац се чини дека го потврдува оптимизмот на Трамп, но палестински извори велат дека вчерашниот ден бил уште еден крвав ден во крајбрежниот појас.
Најмалку 34 лица се убиени во градот Газа, изјавија вработените во болницата Шифа, откако сведоците пријавија дека израелски напад погодил кафуле на шеталиштето.
Се наведува дека меѓу жртвите има неколку малолетници и жени, како и еден новинар.
Групата Хамас, која ја контролира Газа, соопшти дека цел на нападот бил камп за раселени лица на плажа.
Израелската армија тврди дека цел на нападот биле неколку членови на терористичката организација Хамас во северниот дел на Газа. Беше наведено дека претходно биле преземени мерки за заштита на цивилите, вклучително и воздушен надзор на областа.
Инцидентот моментално е под истрага, се додава во соопштението. Израелската армија не даде информации за можни жртви.
Според палестински медицински извори, најмалку 100 лица се убиени во вчерашните израелски напади.