Меѓународната агенција за атомска енергија (МААЕ) во неделата објави дека нема зголемување на нивото на зрачење по нападите на САД врз три нуклеарни објекти во Иран, вклучувајќи го и локалитетот Фордо.
„По нападот врз три нуклеарни објекти во Иран – вклучувајќи го и Фордо – МААЕ може да потврди дека досега нема зголемување на нивото на зрачење околу тие локации“, објави МААЕ на платформата X.
Агенцијата соопшти дека дополнителни проценки за ситуацијата во Иран ќе бидат дадени кога ќе бидат достапни повеќе информации.
Се верува дека објектот за збогатување ураниум во Фордо е една од најважните цели на Израел во неговиот конфликт со Иран.
Иран претходно објави дека ги евакуирал трите нападнати нуклеарни објекти некое време пред бомбардирањето.
САД ги бомбардираа нуклеарните објекти на Иран во Фордо, Натанц и Исфахан, објави претходно американскиот претседател Доналд Трамп, фалејќи се дека објектите се „целосно уништени“.
Иранскиот нуклеарен надзорник објави дека нема траги од контаминација околу погодените објекти и дека нема опасност за жителите на околните области, објавува Ројтерс.
Нуклеарната централа Фордо не претрпе значителна штета, изјави државен службеник за иранската новинска агенција Фарс, истакнувајќи дека оштетените делови од централата се „на површината“ и можат лесно да се обноват, според Ројтерс.
Не се откриени радиоактивни траги во околината на Саудиска Арабија и другите земји од Персискиот Залив по нападот на САД врз нуклеарните објекти на Иран, објави нуклеарниот надзорник на Саудиска Арабија во неделата на платформата X.