ОФФест вечерва на публиката ќе и понуди уникатно, африканско доживување со настапите на маестралниот гитарист Вју Фарка Туре од Мали и вокалистката Флоренс Адони од Гана.
Познат како „Хендрикс од Сахара“ и син на легендарниот Али Фарка Туре, Вју Фарка Туре не само што е виртуоз на инструментот, туку успева да ја негува традицијата и вешто да разговара со сегашноста. Способноста за овој фантастичен дијалог уште еднаш се потврди преку неговата соработка со Khruangbin, инди супер бендот од Тексас. Заедничкото издание “Ali” (2022) со изведби на теми од колосалниот Али Фарка Туре јасно покажа дека Вју не само што не е во сенката на својот монументален татко, туку го надоградува наследството на волшебен начин. Чистите петки од критиката за овој албум беа само печат на она што љубителите на западноафриканската музика го знаат речиси 20 години. Вју Фарка Туре држи изведувачко-авторски курс што постојано добива на интензитет, а важно е да се забележи и дека низ неговото богато творештво постојано се проткајуваат пораките за мир, толеранција и љубов. Неговиот последен албум, “Les Racines” (2022, World Circuit), во превод „Корени“ е вистинско ремек-дело кое дефинитивно го издигнува Vieux како една од најголемите звезди на африканската музика денес.
Музиката на Флоренс Адони е синтеза од Фрафра госпелот и живиот и оптимистички хајлајф звук. Но, и многу повеќе од тоа. Ова е повеќеслоен приказ на инструментална виртуозност, испревртени синкопирани ритми и богати вокални хармонии. Родителите на Флоренс Адони се Фрафра, а таа родена на југот на Гана. Фрафра заедницата е од северот на Гана и има специфични обичаи кои видно се разликуваат од оние на Ашанти луѓето од југот. Бидејќи од самото раѓање е изложена на различните култури, Флоренс Адони лесно ги спојува двата света. Нејзиниот прв албум “La Pa’aya” (2011) е инстант хит, а работите драстично се менуваат две години подоцна. Германскиот продуцент Max Weissenfeldt ја истражува Гана и сосема случајно ја запознава Флоренс во продавница за музика, каде таа самата го дистрибуира својот втор албум, “Da Sake” (2013). Следуваат низа соработки со локални супер-групи и таа во 2018-та за прв пат доаѓа во Европа. Нејзиното прво меѓународно издание “Mam Pe’ela Su’ure” (2021) веднаш го свртува вниманието и веќе во 2023-та настапува на неколку проминентни фестивали. По повеќе од 70 европски концерти во последниве две години Флоренс Адони доаѓа во Скопје со свеж материјал од албумот “A.O.E.I.U” за Philaphone records.
Вчера публиката имаш можност да ужива во несекојдневното патување што го приредија финскиот виртуоз на хармоника Кимо Похјонен и дивата на португалскиот џез Марија Жоао. Утрешната, последна вечер е резервирана за Јулија Козакова Трио од Словачка, фолк-рок бендот Мордаи од Унгарија и македонскиот состав „Луфтанза“.