Авион на „Рајанер“ што леташе од Берлин до Милано синоќа изврши итно слетување во јужна Германија поради силни турбуленции предизвикани од бура, при што беа повредени девет патници, соопшти полицијата.
Според соопштението на баварската полиција, авионот бил принуден да слета во Меминген, околу 113 километри западно од Минхен, поради лоши временски услови. Иако слета безбедно, девет лица на возраст меѓу две и 59 години беа повредени за време на турбуленциите, соопшти полицијата.
Една жена се здоби со повреда на главата, нејзиното две и полгодишно дете имало модринки, а 59-годишна жена се пожалила на болки во грбот. Сите три лица се однесени во болница, се вели во полицискиот извештај.
Другите патници со полесни повреди биле третирани на местото на настанот.
Авиокомпанијата организирала автобуси што ќе ги однесат во Милано бидејќи локалните воздухопловни власти не дале дозвола летот да продолжи од Меминген, додаде полицијата.
Патниците опишале страв и паника откако авионот одеднаш се затресол.
„Никогаш не сум почувствувал таков страв. Во тој момент помислив дека авионот ќе се распадне!“ изјави еден патник за германски „Билд“.
Некои патници не користеле безбедносни појаси за време на турбуленцијата, а според „Билд“, екипажот не давал континуирани инструкции за време на кризата.