Македонската православна црква – Охридска архиепископија (МПЦ-ОА) се наоѓа пред сериозен морален и институционален предизвик, откако јавноста беше изненадена од информацијата дека поранешниот амбасадор во Ватикан, Ѓоко Ѓорѓевски, е замонашен од Архиепископот Г.Г. Стефан – и тоа како чекор кон негово поставување за нов митрополит на Дебарско-кичевската епархија, без еден ден монашки живот, без послушание и без искуство во духовното раководење, тврдат од ВМРО-Народна партија.
„Се работи за една од највлијателните епархии на МПЦ-ОА, а целиот процес се одвива во тишина, без канонски консултации, без духовна подготовка, без јасна визија и што е најважно без одговорност кон верниците. Ова поставување, тивко и со невообичаена брзина, отвора сериозни прашања: Кој и какви центри стојат зад ваквата одлука? Зошто се игнорираат духовници со децениско искуство, како постоечкиот викарен епископ?
Доколку ова сценарио се реализира, МПЦ-ОА ќе се соочи со историски преседан: митрополит без монашки стаж и без реален духовен пат. Тоа не е само канонски спорно, туку и опасно за духовниот легитимитет на целата црква. Архиепископот Г.Г. Стефан како духовен лидер, треба да знае дека довербата на паството се гради со искреност, канонска чистота и мудрост, а не со потези што личат на договарања зад затворени врати.
Денес кога верниците очекуваат духовност, чесност и одговорност, МПЦ-ОА нема луксуз за да си игра со довербата. Овој потег не е само контроверзен туку тој е и удар врз мисијата на црквата. Па сходно на тоа логични се прашањата: Дали Македонската православна црква е духовна институција или пазар за лични агенди? Дали Македонската православна црква го слуша гласот на своето стадо или работи по диктат од надвор? Во време на духовен и општествен метеж, црквата треба да биде светилник, а не сенка на туѓи интереси, нагласуваат од партијата.