Ричард Ховит, известувачот во Европскиот парламент (ЕП) за Република Македонија во Нацрт резолуцијата по извештајот за напредокот на Република Македонија во 2013 година, уште еднаш го повторува барањето до Советот да одреди датум за почеток на пристапните преговори без натамошно одлагање, јавува дописникот на МИА од Стразбур.
Во предложената Резолуција, за која Комисијата за надворешни работи се уште нема дискутирано, британскиот европратеник заклучува дека критериумите од Копенхаген се доволно исполнети за Македонија да ги започне преговорите за пристапување и го дели ставот на Комисијата дека со отворањето на поглавјата 23 и 24 за правда, демократија и човекови права ќе се зголеми напредокот по многу прашања кои се од особен интерес на некои земји-членки.
Со оглед на позитивната препорака на Комисијата и нејзините предупредувања за ризиците од враќање наназад, Ховит го повикува Европскиот совет минимално да ја повтори одлуката од декември 2012, во која широко се споделени ставовите на Европската комисија, односно евентуалното донесување одлука за отворање на пристапните преговори во текот на следното претседателство и дека Комисијата ќе ги преземе сите неопходни подготвителни работи за да се овозможи ова.
Исто како и при минатата резолуција, известувачот на ЕП за Македонија, ја повикува Владата и Комисијата да изработат квантитативна анализа на социјалните, политичките и економските трошоци кои произлегуваат од продолжувањето на неуспехот за земјата да направи напредок во пристапувањето кон ЕУ, како за земјата така и за нејзините соседи.
Во Резолуцијата се одобрува констатацијата на Европската комисија дека продолжувањето на неуспехот на Европскиот совет да направи напредок во однос на пристапувањето на земјата кон ЕУ, го ризикува кредибилитетот на процесот на проширување и, исто така, ја поткопува потребната клима во земјата со цел да се поттикнат реформите и мерките поврзани со ЕУ.
Изразена е и загриженост дека албанското население на земјата може да почне да се чувствува „како оставено“ во процесот на проширување со оглед на напредокот на Косово и Албанија и тоа може да претставува дополнителен ризик во иднина за стабилноста на земјата.
Во однос на наметнатиот проблем со името, кој е пречка за напредокот на Македонија на патот кон членството во ЕУ, Ховит смета дека „неуспехот на двете страни за изнаоѓање взаемно, фер и праведно решение за решавање на спорот за името во период од речиси 20 години и покрај најдобрите напори на посредникот на ОН, исто така, го доведува во прашање кредибилитетот на рамката за да се постигне ова.
Тој ја повикува Грција да го искористи своето претстојно претседателство со Европската унија, заедно со Комисијата, Советот и Парламентот, како и во самата земја, да дадат нов политички поттик во обид да се реши прашањето за името.
Во однос на добрососедските односи, Ховит ги поздравува средбите меѓу премиерите на “земјата“ и Бугарија и верува дека длабоките историски и други прашања меѓу двете земји најдобро се утврдуваат со дијалог. Во овој дух тој ги повика двете земји да продолжат да преземаат значајни чекори кон постигнување билатерален договор.