Подготовките за конклавата, која започнува во среда, е во полн ек во Ватикан. Работниците поставија и церемонијален оџак на покривот на Систинската капела. Белиот чад од тој оџак ќе биде знак дека е избран 267-миот папа.
„Конклавата ќе биде кратка“, изјави за ABC News кардиналот Грегорио Роза-Чавез од Ел Салвадор, кој верува дека на Црквата ѝ е потребен „Франциск 2“.
„Мислам дека постои консензус и дека е многу јасно каков папа ни е потребен за Црквата и за светот. Затоа мислам дека конклавата ќе трае два или три дена“, изјави кардиналот Чавез, кој има 82 години и не може да гласа, сепак присуствува на општите собранија во Ватикан, каде што веќе почнаа да се појавуваат фаворити.
Повеќето кардинали од целиот свет веќе пристигнаа во Ватикан и секојдневно учествуваат во општите собранија – клучно време пред почетокот на конклавата, кога кардиналите држат говори, се запознаваат подобро и дискутираат каков папа сакаат.
Тие сè уште не се заклучени во конклав, па затоа многумина може да се видат како излегуваат на плоштадот „Свети Петар“ пред јавноста по нивните состаноци. Некои, како кардиналот Тимоти Долан од Њујорк, објавуваат дневни новости на социјалните медиуми, давајќи увид во древните црковни традиции.
Рекордни 133 кардинали ќе имаат право на глас на оваа конклава, од кои 108 беа назначени од покојниот папа Франциск. Десет од нив доаѓаат од Соединетите Американски Држави.
Кога ќе започне конклавата следната недела, сите кардинали ќе положат заклетва за тајност, а потоа ќе почнат да гласаат двапати дневно – двапати наутро и двапати попладне – сè додека две третини од кардиналите не постигнат договор за нов папа.
По секое гласање, гласачките ливчиња се горат. Црниот чад од оџакот значи дека папата сè уште не е избран и дека гласањето продолжува. Белиот чад означува дека Католичката црква има нов водач.
Набљудувачите на Ватикан веќе почнаа да објавуваат листи на кардинали кои имаат најголеми шанси да станат папи. Листите се внимателно анализирани во однос на нивните верувања – без разлика дали се конзервативни или либерални – но исто така и нивното потекло и квалитетите што би можеле да ги донесат во Црквата. Сепак, никој не знае со сигурност кој ќе биде избран, освен 133-те кардинали кои учествуваат на конклавата. Сè друго е шпекулација.