Блумберг: САД и Украина потпишаа договор за минерали

Од:

Америка и Украина потпишаа договор за формирање инвестициски фонд за реконструкција, објави Министерството за финансии на САД, а „Блумберг њуз“ објави дека двете земји потпишале и договор за пристап до украинските природни ресурси.

Договорот за пристап до украинските природни ресурси ќе им обезбеди на САД преференцијален пристап до нови инвестициски проекти за развој на украинските природни ресурси, вклучувајќи алуминиум, графит, нафта и природен гас, објави Блумберг.

Иако специфичните официјални детали сè уште не се познати, Министерството наведува дека договорот воспоставува американско-украински инвестициски фонд за реконструкција.

Според соопштението, потпишувањето на договорот испраќа порака до Русија дека администрацијата на Доналд Трамп е посветена на мировен процес заснован на слободна, суверена и просперитетна Украина.

Соединетите Американски Држави и украинската влада објавија дека брзо ќе започнат со имплементација на овој фонд во корист на граѓаните на двете земји.

Благодарение на неуморните напори на претседателот Трамп да обезбеди траен мир, со задоволство го објавувам потпишувањето на овој историски економски договор меѓу САД и Украина со кој се формира Инвестицискиот фонд за обнова меѓу САД и Украина, изјави американскиот министер за финансии Скот Бесент.

„Како што рече претседателот, Соединетите Американски Држави се посветени на олеснување на завршувањето на оваа сурова и бесмислена војна. Со овој договор, испраќаме јасна порака до Русија дека администрацијата на претседателот Трамп е посветена на мировен процес заснован на слободна, суверена и просперитетна Украина, и тоа на долг рок. Претседателот Трамп го создаде ова партнерство меѓу американскиот и украинскиот народ за да демонстрира заедничка посветеност на траен мир и напредок во Украина. И да бидам јасен – ниедна земја или поединец што ја финансирал или снабдувал руската воена машинерија нема да има корист од обновата на Украина, рече Бесент.

„Во име на украинската влада, потпишав договор за соработка меѓу САД и Украина. Заедно со Америка, создаваме фонд што ќе привлече глобални инвестиции во нашата земја“, објави украинската министерка за економија Јулија Свириденко во „X“.

Трамп претходно на состанокот на кабинетот на неговата администрација изјави дека договорот е добар за двете страни.

„Имаме договор што ги чува нашите пари безбедни, што ни овозможува да започнеме со дупчење и да го правиме она што треба да го направиме“, рече американскиот претседател Доналд Трамп на состанокот на кабинетот во Белата куќа претходно во среда.

„Добро е и за нив бидејќи американското присуство на терен ќе одврати многу злонамерни актери од земјата, или барем од областа каде што дупчиме“, додаде Трамп.

Ова е долгоочекуван договор што се очекуваше Володимир Зеленски да го потпише за време на неговата посета на Белата куќа во февруари.

Сепак, таа средба заврши со сега познатата „тепачка“ во Овалната соба меѓу украинскиот претседател Трамп и Џ.Д. Венс, по што Зеленски си замина без потпис.

Иако сè уште официјално не е познато што е вклучено во договорот, претходно денес Би-Би-Си и „Киев пост“ објавија дека имаат пристап до нацртот.

Според нацрт-договорот, Украина ќе ја задржи целосната сопственост врз сите средства, вклучувајќи ги и минералните ресурси. Механизмот за поделба на приходите се однесува исклучиво на нови концесии, а не на постојни договори.

Договорот вклучува приходи од критичните сектори за минерали, нафта и гас, но државните компании како „Укрнафта“ остануваат под украинска контрола.

Фондот ќе се користи за финансирање на реконструкцијата, а двете страни ќе инвестираат во него – вклучително и преку идна воена помош на САД, на пример во форма на системи за воздушна одбрана. Ова претставува значајна промена во споредба со претходната верзија на договорот.

Украинскиот претседател Володимир Зеленски неодамна објави дека Киев сака да купи десет системи „Патриот“, но сè уште не е јасно дали овие системи ќе бидат вклучени во овој договор.

Како што претходно објави АФП, новиот договор вклучува клаузули што ја дефинираат улогата на американските инвестиции во развојот на стратешки индустрии и сродни технологии како дел од долгорочната посветеност на безбедноста и мирот во Украина.

Сите средства од договорот можат да се инвестираат исклучиво на територијата на Украина, но првите приходи од Фондот не се очекуваат најмалку десет години.

Договорот не вклучува никакви долгови за Украина кон САД, прашање што претходно предизвика контроверзии, особено по неоснованото тврдење на Трамп дека Вашингтон му дал на Киев 350 милијарди долари помош од почетокот на тоталната инвазија, што беше целосно демантирано.

„Договорот обезбедува еднаквост на партнерите“, рече украински функционер.

Ќе се формира инвестициски фонд за инвестирање во реконструкција. Изворот на АФП исто така нагласи дека договорот не се однесува на никакви долгови за претходна помош.

Би можело да ве интересира

(ВИДЕО) Две лица загинаа, петмина се повредени во напад со беспилотно летало во Одеса

Невреме во САД: Најмалку тројца загинаа, а половина милион луѓе останаа без струја во неколку држави

САД: Израел не може да биде принуден да дозволи UNRWA да дејствува во Газа

Шојгу: Киев посегнува по терор, гледајќи дека иницијативата на терен ѝ припаѓа на Москва

Естонија може да испрати војници во мировна мисија во Украина

Келог: Киев и Вашингтон составија список на услови за завршување на војната