Општинскиот комитет на ВМРО Народна партија Тетово, како што велат во соопштението, е згрозен од состојбата со третирање на медицинскиот отпад во кругот на ЈЗУ Клиничка болница Тетово.
„ Најостро ја осудуваме негрижата за здравјето на жителите на Тетово и можната појава на епидемии со несогледиви последици. Зачудува фактот дека пред само неколку месеци од страна на министерот Тодоров Клиничката болница беше прогласена за една од најдобрите здравствени установи во земјата, а менаџерскиот тим на болницата беше наградуван и фален од страна на министерот. Како одговорни за ваквата состојба ги сметаме и локалната самоуправа и јавното комунално претпријатие, кои очигледно затаија во извршувањето на своите обврски и задачи. Сметаме дека сите надлежни треба да се придржуваат и целосно и доследно да ги спроведуваат одредбите за третирање на медицински отпад како не би било загрозено здравјето на граѓаните“, велат од ВМРО-НП.
ОК на ВМРО Народна партија Тетово упатува и остра критика кон јавното комунално претпријатие поради нерасчистувањето на дивата депонија во близина на православните гробишта во Тетово, од која депонија се шири непријатна миризба посебно во летните месеци и која исто така претставува потенцијално жариште на болести и зарази.
„Ја користиме оваа прилика да ги повикаме сите надлежни органи во иднина да престанат да си играат со здравјето на тетовчани и да престанат со меѓусебните препукувања и опструкции, од кои само страдаат граѓаните. Доколку продолжи ваквата состојба и тенденција за негрижа за животната средина и за здравјето на населението, ВМРО Народна партија ќе ги повика граѓаните на Тетово на граѓанска непослушност кон државната власт и локалните институции“, стои во соопштението од ВМРО-НП.