Најновиот извештај на Европската комисија ја оправдува акцијата на Македонија против Грција во Меѓународниот суд за правда во Хаг, јави дописникот на МИА од Атина.
Грчкиот весник „То Вима“ денеска кусо се осврнува на извештајот за Македонија на Европската комисија нагласувајќи дека, според документот, „големите билатерални прашања не треба да се внесуваат во Европската унија“.
Во однос на спорот за името, весникот го пренесува делот од извештајот во кој „Комисијата ги повикува страните да ги вложат сите напори со цел решавање на разликите, врз основа на воспоставените принципи и инструменти, вклучувајќи ги и препораките од Меѓународниот суд за правда“.
– Иако не е очигледно, овој извештај изгледа во суштина ја оправдува акцијата на Скопје против Грција, коментира „То Вима“ и додава дека Комисијата ги повторува повиците за брзо решавање на прашањето за името.
Меѓународниот суд на правдата во Хаг пред две години пресуди дека Грција ја прекршила Привремената спогодба од 1995 година со тоа што ставила вето на членството на Македонија во НАТО.