Со настап на британско-словенечкиот тандем Еван Паркер/Златко Каучич и Британците Гет д’ Блесинг во четврток ќе почне 32. Скопски џез фестивал, кој ќе трае до 21 октомври.
Директорот на фестивалот Оливер Белопета денеска на прес-конференција рече дека петте фестивалски дена го носат она што е актуелно и вредно од светската џез сцена.
– Првите два дена ќе се одржат во салонот на Македонската опера и балет. Првата вечер е посветена на британскиот џез и е поврзан со 20-годишнината од македонско-британското пријателство. За таа цел првпат доаѓа еден од најистакантите современи џезери во светот, саксофонистот Еван Паркер, кој ќе настапи со словенечкиот интернационалец Златко Каучич. Втората група е Гет д’ Блесинг, која последните години беше неколку пати прогласувана за најдобра во Англија и и припаѓа на помладата англиска генерација, појасни Белопета.
Втората фестивалска вечер ќе почне со дуетот Сидсел Ендресен и Стиан Вестерхаус од Норвешка, а потоа следува американскиот квартет Аберкромби.
Во сабота, на 19 октомври, во Универзална сала ќе биде балканската премиера на проектот „Балкан фивер“ со Влатко Стефановски, Мирослав Тадиќ и Теодосиј Спасов кои ќе настапат со Македонската филхармонија под водство на австрискиот диригент Кристијан Јарви.
В недела во Универзална сала ќе гостуваат џез-иконата Роско Мичел со своето трио и легендарната џез-пејачка Касандра Вилсон со бендот Хариет Тубман.
Последната фестивалска вечер е на 21 октомври и е резервирана за парискиот трубач со либанско потекло Ибрахим Малуф, кој доаѓа со осумчлена група и ќе го претстави својот проект „Илузија“, а по него ќе настапи Англичанецот Дејв Холанд, еден од најдобрите басисти во историјата на џезот.
Во полноќните термини ќе има џез концерти во Сити хол (поранешен „Хард рок“), каде во петок ќе настапи групата на тромбонистката и композиторка Реут Регев. Следниот ден ќе гостува Никола Конте Комбо, во недела трубачот Питер Еванс со своето трио Зебулон и на последната вечер во Сити хол ќе настапи бразилскиот трубач Роб Мазурек со проектот „Сао Пауло андерграунд“.
– Иако Македонија не е толку развиена со масовна џез култура и публика колку Европа, наша цел е да се покажеме во светот, така и ја стекнавме нашата репутација. Во овие пет фестивалски дена публиката да заборави на проблемите што ги имаат и да се почувствува дека се наоѓа во Лондон, Париз,…, подвлече Белопета.
Билетите се во продажба во Југотон рекордс, Пола Југотон, МОБ, Универзална сала и на www.kupikartizase.com, по цена од 300 до 800 денари.