Претседателот на Република Македонија Ѓорге Иванов по повод верскиот празник Курбан Бајрам упати честитка до Поглаварот на Исламската верска заедница Реис Ул Улема Сулејман ефенди Реџепи и верниците од исламска вероисповест.
– Најискрено посакувам Курбан Бајрам да го поминете во добро здравје, радост, среќа и хармонија. И годинешново празнување нека биде во духот на помагањето и солидарноста, споделувањето и грижата. И овој Курбан Бајрам да им подадеме рака и да бидеме дарежливи кон помалку имотните и на сите на кои им е потребна поддршка, вели Иванов во честитката.
Уверен сум, додава македонскиот претседател, дека Исламската верска заедница и сите нејзини верници, како нераскинлив дел од македонското општество, и понатаму ќе бидат активни чинители во градењето на соживот и разбирање помеѓу различните вери и етникуми во Република Македонија.
– Да продолжиме заедно да работиме на добросостојбата на сите наши граѓани и да продолжиме да создаваме услови за просперитетна и развиена Република Македонија, вели претседателот Иванов во честитката.