Премиерот на Либија Али Зејдан изјави дека неговото киднапирање било дел од обидот за државен удар, зад кој стои противничкото крило во државното собрание, и оти тие се обидуваат да ја поткопаат работата на неговата влада.
Зејдан завчера беше киднапиран од единицата за борба против криминал на некогашната бунтовничка група, од хотелот во кој живее во Триполи, а беше ослободен неколку часа подоцна.
– Тие сакаа да ја симнат владата. Ова беше обид за киднапирање не само на премиерот, туку и на целата влада, рече Зејдан во пораката до нацијата.
Зејдан за заверата ги обвини пратениците од народното собрание, кое се наоѓа во ќорсокак меѓу секуларната водечка партија и Муслиманските браќа, а Зејдан се соочува со гласање доверба.
Поранешните бунтовници, кои сега се на владин платен список, а кои го киднапираа Зејдан, рекоа дека биле лути поради извештајот дека египетската влада била однапред известена дека САД ќе изведат акција за апсење на еден осомничен припадник на Ал Каеда во Либија.