Македонците во Албанија мора да го поттикнуваат секој напредок на државата во која живеат, бидејќи тоа е во интерес на евроинтеграциите, истакна претседателот на Република Македонија Ѓорге Иванов на денешната средба со претставници на македонската заедница во Поградец, јави известувачот на МИА.
Според него, битно е нивниот удел да биде позитивен, да бидат лојални граѓани на државата Албанија, потикнувачи на позитивните трендови и процеси.
– Со политичката организираност стануваат субјект во политичкиот живот каде можат преку институциите да ги стекнуваат сите нивни барања и потреби. Кога имате во соседни земји малцинства на државите секојпат треба да се размислува позитивно и креативно. Да не излезе дека ние Македонците од Македонија бараме права за Македонците во Албанија, туку напротив на Балканот ни е потребно, Албанците во Македонија да се изборат за правата на Македонците во Албанија и тогаш се создава таа солидарност меѓу двете заедници и взаемна помош, користење на позитивните искуства во интерес на државите во кои живеат заедниците, рече Иванов.
Смета дека е неопходна и промена на свеста на припадниците на албанската заедница во Македонија, да даваат придонес за правата на Македонците во Албанија, затоа што тоа поттикнува и меѓудржавна соработка, ги зближува двете општества. Има можност и за аплицирање за многу грантови од Европската унија кои се однесуваат на регионални проекти и фондови кои ја поттикнуваат меѓуграничната соработка, од што корист ќе имаат сите на Балканот.
– На Балканот му треба големо отворање, не само инфраструктурно да се поврзува, туку и ментално, да почнат луѓето да мислат позитивно и да ги гледаат сите иницијативи во подобрување на состојбите и на државите и на припадниците на заедниците, нагласи Иванов.
Македонскиот претседател очекува набрзо резултати сите иницијативи на Македонците во Албанија да бидат во корист на државата, која треба да добие и кандидатски статус, да го почне процесот на евоинтегрирање во интерес на целиот регион.
Главен проблем на македонската заедница во Албанија, како што беше посочено на средба со Иванов, е образованието на мајчин јазик и вработувањето.
Јован Шкамби, претседател на македонското здружението „Преспа“ од Поградец истакна дека ја поддржуваат Владата во Тирана за да направи чекор да бидат вработени Македонци и да ја развијат економијата.
Изјавата на албанскиот премиер Еди Рама, Петре Шкамби Спироски, ја гледа како голема надеж за Македонците во Албанија.
– Македонците мора да се помогнат, бидејќи не може да се бараат права за Албанците во странство, без да им се дадат права на малцинствата тука, подвлече Шкамби Спироски, потсетувајќи на пораката од претседателот Иванов сите барања да ги реализираат во албанската држава, со тамошните власти, бидејќи нивната иднина е во Албанија.
Со денешната средба, според претседателот на Македонската алијанса за европска интеграција Едмонд Темелко, се овозможи Македонците да ги споделат проблемите и предизивиците со шефот на македонската држава и се надева на добра политичка воља за решавање на проблемот со воведување македонски јазик во училиштата.
– Го инициравме прашањето за повторно вработување на Макдонците во албанската армија, кои со формирањето на Националната армија во 1996 година беа отпуштени, да се ресоцијализираат. Во општина Порградец иако има мнозинско македонско население нема ниту еден вработен Македонец во општинста администрација, изјави Темелко, додавајќи дека не се води грижа за македонското малцинство.
Средбата на претседателот Ѓорге Иванов со припадници на македонската заедница од Пустец, Корча и Поградец се реализира на нивна иницијатива, а е договорена при неговата последна посета на Албанија.