Група поранешни либиски бунтовници денеска соопштија дека во Триполи „го уапсиле“ премиерот на Либија, Али Зејдан, поради улогата на неговата Владата во заробувањето на лидерот на Ал Каеда од страна на американските командоси во саботата.
Али Зејдан „беше уапсен по изјавата на државниот секретар на САД Џон Кери за заробувањето на Абу Анас ал Либи и откако тој изјави дека либиската влада била во тек со операцијата“, соопшти портпаролот на групата Оперативен штаб на либиските револуционери.
Претходно, либиската Влада соопшти дека премиерот Али Зејдан „бил киднапиран“ рано изутринава во Триполи од вооружена група, за која се претпоставува дека е составена од поранешни бунтовници, и бил одведен во непознат правец.
Владата соопшти дека во потрагата по премиерот се вклучиле највисоките либиски институции и ги повика граѓаните да останат мирни. Според Владата, Зејдан бил киднапиран во хотелот „Коринтија“, каде се наоѓа неговата канцеларија.
Како што јави ИТАР-ТАСС, портпаролот на либиското Министерство за внатрешни работи изјави дека Зејдан не бил киднапиран, туку уапсен од соработници на полицијата.
Според информациите на телевизијата Ал Џазира Зејдан бил уапсен во заедничка операција на Министерството за внатрепни работи и Оперативниот штаб на либиските револуционери, по наредба на Јавното обвинителство на Либија.