Македонската фудбалска репрезентација денеска во 10 часот со чартер лет патува за Кардиф, каде утре ќе игра против Велс на нашиот претпоследен натпревар од квалификациите за Светското првенство во Бразил.
По оставката на Чедомир Јаневски улогата на в.д. селектор ја има Зоран Стратев под чие раководство репрезентативците одработија неколку тренизни во Скопје.
Атмосферата во селекцијата е на добро ниво и фудбалерите најавуваат борба за добри резултати. Дуелот со Велс, како и последниот со Србија што го играме во Јагодина на 15 октомври се шанса со позитивни резултати да се избегне последно место на табелата во квалификациите. Дуелот со Велс е натпревар на двете последнопласирани екипи во групата (Македонија 7 бодови, Велс 6).
Репрезентацијата во вечерните часови во Кардиф ќе одржи еден тренинг пред утрешниот дуел.
За разлика од Стратев, кој немаше проблеми, Крис Колмен, селекторот на Велс по 10-те откази поради повреди мораше дополнително да повикува нови играчи, а последни повик добија: Џејмс Колинс од Вест Хем, како и 16-годишниот играч од Ливерпул, Хари Вилсон.
Натпреварот се игра утре на Градскиот стадион во Кардиф со почеток во 20:45 часот.