Вејн Руни напаѓачот на Манчестер Јунајтед смета дека самите играчи го изневериле менаџерот Дејвид Мојс во досегашниот дел од сезоната.
Шампионот Манчестер Јунајтед по седум одиграни кола во Премиер лигата е на деветтото место со само 10 освоени бодови.
– Очигледно дека нашиот менаџер е под голем притисок, но ние сме тим и не смеевме да го изневериме, изјави Руни за англиските медиуми.
Напаѓачот на „црвените ѓаволи“ појасни дека тимот кој минува во транзициски период, ја нема борбеноста која го красела во минатите години, па затоа и самите играчи ќе мора да го сменат својот пристап во секој следен натпревар.
– Мораме заедно сите да се потрудиме и покажеме борбеност која не красеше во минатото и се ќе биде во ред. Ова ќе биде сезона на транзиција, дојде нов тренер и сега ние мораме да се прилагодиме на неговиот стил на работа и филозофија на игра, потенцира Руни.
Манчестер Јунајтед во саботата беше пред пораз во првенствениот дуел против Сандерленд, но од четвртиот пораз тимот од „Олд Трафорд’’ го спаси 18-годишниот белгиски талент Аднан Јанузај кој со двата постигнати гола му донесе победа на тимот.