Јапонскиот град Таиџи стана озлогласен по документарниот филм „The Cove“, кој беше награден со Оскар, а сега отвара парк посветен на морските цицачи, во кој посетителите ќе можат да пливаат со делфините. Сепак градот нема да го стопира својот традиционален годишен лов на делфини.
– Градот сега работи на плановите дел од заливот да го претвори во место, каде луѓето ќе можат да пливаат и веслаат покрај малите китови и делфини, изјави владиниот претставник, Масаки Вада.
Тој нагласи дека проектот нема за цел да ја сопре крвавата традиција и оти целта му е да помогне во нејзиното одржување.
– Ние веќе ги користиме делфините и помалите китови како туристички атракции во заливот, каде се одвива ловот на делфини. Летно време капачите можат да уживаат во набљудувањето на животните, кои се пуштаат од заградениот простор, а планираме тоа да го направиме и во поголеми размери. Тоа е дел од долгорочниот план за претворање на целиот град во парк, во кој туристите ќе можат да ги набљудуваат морски цицачи, додека јадат различни морски производи, вклучувајќи и месо од делфини и китови, додаде тој.
Паркот ќе биде одвоен од заливот Хатакеџири, во кој секоја година се случува масакрот на делфините, а би требало да биде отворен за пет години.
Документарецот „The Cove“ од 2009 година го стави градот Таиџи во фокусот на светската јавност, прикажувајќи ја суровоста на оваа традиција, со помош на подводни камери. Минатата година се убиени 1.277 делфини, а за оваа сезона градот добил дозвола за ловење на 2.062 делфини. Сезоната почна во септември и ќе трае до август следната година.