Палестинците би можеле да го поттикнат економскиот раст за една третина и на половина да го намалат буџетскиот дефицит, доколку Израел би им дозволил, да користат 61 отсто од територијата на Западниот брег, која во моментот воглавно им е недостапна, соопшти денеска Светската банка.
СБ и земјите донатори, кои им помагаат на Палестинците, повеќе пати апелирале до Израел да ја отвори забранетата територија, позната како „Подрачје Ц“, меѓутоа во денешниот извештај прв пат детално се проценуваат палестинските загуби.
Пристапот до „Подрачјето Ц“ нема да ги реши сите палестински економски проблеми, но алтернативата не е светла, се вели во извештајот.
Без економски активности на тоа подрачје, како што се наведува, економскиот простор на Западниот Брег, ќе остане неразвиен, населен со луѓе чии секојдневни контакти со државата Израел се карактеризираат со незадоволство, неприлики и трошоци.