Според денеска објавената регионална годишна книга за 2013 година на Европската канцеларија за статистика (Евростат), во скопскиот регион се раѓаат по 5,3 повеќе лица во однос на починати, а во плус и тоа за 3,5 лица е и полошкиот регион од Република Македонија.
Како што јавува дописникот на МИА од Брисел, презентирани се регионалните статистики во широк опфат на полиња, прикажувајќи подетална и поразлична слика на Европската унија и земјите-кандидати од податоците на национално ниво. Главен податок е за соодносот на бројот на родени и починати лица во одреден регион, при што покрај 28-те земји-членки на Унијата, се опфатени и земјите на Европската зона за слободна трговија (ЕФТА) и земјите-кандидати како Македонија, Црна Гора и Турција.
Во оваа анализа се влезени и Источниот и Пелагонискиот регион на Република Македонија, при што во овие два региона има драстично намалување на наталитетот. Според Евростат, во Источниот регион умираат дури 3,4 лица повеќе во однос на родените, додека во Пелагонискиот соодносот е 2,8 повеќе умрени од родени. Убедливо најголема позитивна стапка на наталитет има во турскиот регион Билечик, каде има 110 повеќе родени од починати. А, во Турција е и највисоката негативна стапка, па во регионот Тунчели има дури 79,6 повеќе починати од родени лица.