Според пишувањата на британските таблоиди „Дејли мејл“ и „Дејли мирор“, управата на лондонскиот фудбалски клуб Арсенал е подготвена да му понуди на францускиот менаџер Арсен Венгер тригодишно продолжување на договорот.
Се чинеше дека уште на крајот на минатата сезона Венгер беше пред напуштање на клубот, но одличната серија резултати и освојувањето место кое води во квалификациите за Лигата на шампионите го оставија на менаџерската клупа и оваа сезона. Домашниот пораз во првото коло на новата сезона на Премиер лигата повторно го доведе во прашање неговото останување, но доаѓањето на Месут Озил и серијата од десет последователни победи во сите натпреварувања ги испрати сите тие приказни во заборав.
Споменатите извори тврдат дека управата на Арсенал ќе му понуди на Венгер, кому актуелниот договор му е валиден до крајот на оваа сезона, тригодишен договор вреден осум милиони фунти годишно. Освен тоа, ќе му овозможи и дополнителни пари за јануарски шопинг, во кој Венгер ќе тргне во лов на напаѓачот кого не успеа да го доведе во летниот период.