„Ако власта продолжи со апсење и затворање на тие кои што зборуваат, тогаш ќе дојде моментот кога сите ќе замолчат“, напиша на својот ФБ профил професорката Мирјана Најчевска.
Еве го нејзиниот став:
„Ме прашаа дали не се плашам од власта што толку зборувам.
Јас им реков дека власта треба да почне да се плаши од мене во моментот кога ќе престанам да зборувам. Тоа ќе значи дека сум решила да рушам.
Мислам дека ова се однесува на секој мој истомисленик кој деновиве се пенави на сите страни. Тоа што зборуваме значи дека се уште (колку и бесмислено тоа да звучи) имаме надеж дека може да ги решиме работите низ институциите на системот и некако да ја реанимираме демократијата.
Ако власта продолжи со апсење и затворање на тие кои што зборуваат, тогаш ќе дојде моментот кога сите ќе замолчат. Е тогаш поарно што е можно побргу нека ги снема од државата.
Ние сме потомци на партизаните и на сите оние кои биле спремни да загинат за идеалот за подобар живот на овој народец на ова парче земја, не на кукавичките предавници и полтрони кои го продавале македонскиот народ на секоја белосветска шуша која ќе поминела низ овие краишта“.