Точно се утврдени пропозициите за утврдување на износот на минималната плата. Тоа го определува Законот за минимална плата. Така што сосема легитимна е вчера донесената одлука на Владата за усогласување на минималната плата, посочи денеска заменик-министерот за економија и труд, Маријан Ристески.
Ристески пред медиумите појасни дека минималната плата се одредува согласно податоците од Државниот завод за статистика, за што како основа се зема 50-проценти од просечната плата исплатена минатата година и 50-проценти од индексот на трошоци односно инфлацијата за претходната година. Истовремено тој нагласи дека истата не треба да биде пониска од 57 отсто од просечно исплатената плата за минатата година.
– Како Влада имаме обврска да го почитуваме Законот за минимална плата, кој треба да почне да се спроведува наредниот месец. Има доволно време за институциите да го пресметаат покачувањето на минималната плата, кое законски изнесува 2.200 денари, рече Ристески.
На забелешките на новинарите дека одлуката е донесена без присуство на репрезентативен синдикален претставник во рамките на Економско социјалниот совет (ЕСС), заменик-министерот посочи дека ЕСС е советодавно тело, а нивните забелешки откако ќе бидат усвоени понатаму треба да имаат своја завршница преку соодветна законска процедура.