Битолчани – шампиони во селектирање отпад: Успешно одложени 1 милион парчиња амбалажа во 2024 година

Од:

Еколошката свест во земјава расте, а битолчани го покажуваат тоа на најдобриот можен начин. И оваа година, Битола наоѓа место помеѓу самиот врв на листата на најеколошки општини во земјата, што само потврдува колку луѓето кои живеат во овој град, но и локалните власти, ја почитуваат природата и знаат како да се грижат за животната средина.

Навистина убави вести доаѓаат од Општина Битола, чии жители во текот на 2024 година селектираа и правилно одложија преку 1 милион пластични шишиња и лименки преку повратните машини на Пакомак. Податоците кои ги обезбеди Пакомак покажуваат и огромен раст во однос на 2023 година, што укажува на тоа дека еколошката свест во оваа општина и понатаму расте.

Одложувањето на амбалажниот отпад во Битола дополнително се поттикнува и од страна на Општината, откако градоначалникот Тони Коњановски донесе одлука да ги финансира „зелените поени“ за да ги стимулира граѓаните да се приклучат на еко каузата. И ова навистина дава резултати, бидејќи бројот на луѓе кои ги користат повратните вендинг машини и количината на отпад кој се селектира значително се зголеми по оваа одлука. За споредба, во 2023 година битолчани селектираа солидни 66.975 парчиња амбалажа, а веќе следната 2024 година оваа бројка порасна на дури 1.029.745 парчиња. Претворено во тежина, тоа значи дека Општина Битола селектираше дури 32.328 килограми повеќе отпад во 2024 година отколку во 2023.

Граѓаните на Општина Битола веќе трета година по ред имаат пристап до повратни вендинг машини во кои можат да го одложуваат амбалажниот отпад и за возврат да добиваат „зелени поени“, кои подоцна можат да бидат заменети со вредни придобивки и поволности, како што се: ваучери за попусти во маркети и други продажни објекти, плаќање јавни услуги и комунални трошоци. „Зелените поени“ за успешно одложување отпад се добиваат преку мобилната апликација ЕкоМак, на која во моментов има регистрирано дури 4.117 корисници.

Поставувањето на повратните вендинг машини е проект кој го започнаа Пакомак и Швајцарската амбасада како стратешки партнер, преку кој во изминатите четири години беа поставени 70 машини во 15 градови (општини) од земјата. Во моделот за поставувањето на машините приоритет имаат општини кои земаат учество во стимулирањето на нивните граѓани да ги користат машините со субвенционирање на „зелените поени“ – симболичен издаток за општината кој дава големи резултати во собрани шишиња и лименки што во спротивно би завршиле во речните корита и локалните депонии.

Повратните вендинг машини (ПВМ) го прават селектирањето на отпад полесно и исплатливо за граѓаните, но поттикот кој го даваат самите Општини дополнително ја стимулира ангажираноста и прави тие да се вклучат во поголем број. Една од општините кои располагаат со ПВМ е соседната Општина Прилеп, која според бројот на жители е нешто помала, но сепак споредлива со Битола – но не ги стимулира „зелените поени“, и тоа се забележува во добиените резултати. Прилепчани во текот на 2024 година селектирале 441.590 парчиња отпад, или претворено во килограми тоа би било 16.427 кг отпадна амбалажа – повеќе од двојно помалку од резултатите добиени од Општина Битола.

Преку повратните вендинг машини на Пакомак во текот на 2023 и 2024 година беа собрани околу 18 милиони шишиња и лименки, од страна на преку 46.000 регистрирани на корисници. Бројот на луѓето кои ја преземаат и ја користат апликацијата ЕкоМак секојдневно расте, а со тоа се зголемува и количината на отпад кој завршува на рециклирање, но и еколошката свест кај населението.

Би можело да ве интересира

Јубилеј во Битола – 80 години од првиот наставен час на современ македонски јазик

Сообраќајка во Битола, тешко повреден 52-годишен маж

Во Битола отворена изложба за Светскиот ден за едукација за заштита на животната средина

А1он

Два дена по ред Битола е најзагаден град во Македонија

Утринава најстудено во Битола -4 степени, најмногу снег на Попова Шапка

Инцидент во детска градинка во Битола