Софија се обидува одговорноста за неисполнетите меѓународни обврски да ја префрли на Скопје, реакции на премиерот и МНР

Од:

Во врска со вчерашната реакција од страна на Министерството за надворешни работи на Република Бугарија со жалење констатираме дека нашиот сосед повторно се обидува одговорноста за неисполнувањето на нивните меѓународните обврски да ја префрли врз нашата држава, велат од Министерството за надворешни работи и надворешна трговија.

– Истакнуваме дека почитувањето и спроведувањето на одлуките на Европскиот суд за човекови права (ЕСЧП) не се билатерални прашања, туку задолжителна обврска на секоја земја-членка на Советот на Европа. Република Северна Македонија останува целосно посветена на владеењето на правото и почитувањето на човековите права и слободи како темелни вредности на европската интеграција, и не може да прифати нивно негирање или релативизирање, вклучително и кога станува збор за правата на припадниците на македонското малцинство во Република Бугарија. Дополнително, сакаме да нагласиме дека Република Северна Македонија максимално е посветена на процесот на европска интеграција, сметајќи дека тој процес не треба да биде злоупотребен со воведување на дополнителни политички услови, кои не се дел од Копенхашките критериуми. Политиката на условувања и неосновани обвинувања е непринципиелна пречка на евроинтегративниот пат на нашата држава и не придонесува за градење добрососедски односи, туку напротив – создава непотребни тензии кои не одговараат на европскиот дух на соработка.

Во оваа прилика силно се залагаме за развивање на пријателските односи меѓу двете држави и за решавање на сите отворени прашања преку рамноправен дијалог, одговорно однесување, заемна почит и разбирање. Во наведената насока очекуваме еднакво конструктивен пристап и од страна на Република Бугарија, заснован на целосно почитување на целите и принципите на Повелбата на ОН и правилата на меѓународното право, затоа што тоа е во интерес на нашите граѓани, во интерес на двете земји и во прилог на зацврстување на регионалниот мир, стабилност, безбедност и заедничката европска перспектива, се вели во соопштението од МНР:

– Јас би се повикал на меѓународното право, Конвенцијата за заштита на правата на зедниците и тука не можам да одбегнам да не го коментирам правото на македонската заедница во Бугарија, кое се темели на 14 пресуди од Судот за човекови права да го реализира и тука треба ние сите како граѓани да дадеме поддршка на таа македонска заедница во Бугарија, која за жал во 21 век, во земја членка на ЕУ, не може тоа право да го оствари. И тоа нема никаква врска со внатрешните работи, тоа се темели исклучиво на Резолуцијата за заштита на човековите права чиј ратификатор е и нашиот источен сосед и наш партнер во НАТО, истакна премиерот Христијан Мицкоски во одговор на новинарско прашање за коментар по реакцијата на бугарското МНР на неговата вчерашна изјава за блокадата од Бугарија во пристапувањето во ЕУ.

Додаде дека навистина жали што новиот министер за надворешни работи на Бугарија заборава дека добрососедските политики се темел на една европска перпектива и дека сме партнери во најголемата заедница, алијанса во човештвото, тоа е НАТО заедницата.

-Ние таму ќе продолжиме да функционираме и ние ќе останеме тука, но и нашите сограѓани ќе останат таму каде што се во Бугарија. Наша цел е да градиме добрососедски односи, но кога станува збор за вистината тогаш сме тука истата да ја коментираме и доколку промената на Уставот не е директно мешање во внатрешните работи на една суверена и независна држава, тогаш навистина не знам што е тоа, рече Мицкоски.

Прашан за европската иднина на земјата, претседателот на Владата подвлече дека и втората стратешка цел на државата е полноправно членство во рамки на ЕУ.

-Ние не сме како некои поранешни политичари и тоа да го гледаме како егзибиционизам, кариеризам и нешто што претставува сосема спротивно од очекувањата и интересите на грашаните и заштита на национачните интереси, така што македонските граѓани и државата во целина очекуваат вистински пат кон ЕУ, нешто што го очекуваме повеќе од две децении и што ќе се темели на Копенхашките критериуми, на систем базиран на заслуги и ни повеќе ни помалку што го добија сите оние земји членки што пристапија, а не на билатерализација и решавање на билатерални спорови. Не смееме да дозволиме европската иднина да биде зависна од решавање на билетарални прашања, кои немаат никаква врска со 21 век, туку се поврзани со нешто што се случувало во средниот век, подвлече премиерот Мицкоски.

Тој не сакаше да ја коментира вчерашната изјава на евроамбасадорот Рокас дека има засилена дипломатска активност за деблокада на пристапувањето на земјата во ЕУ. Кратко одговори дека можна деблокада може да се случи и задутре и дека тоа не зависи од нас, туку од други фактори, а новинарите за повеќе појаснувања ги упати да се обратат на евроамбасадорот.

Би можело да ве интересира

Последниот браник и штит на криминалот на поранешната Влада се дел од сегашните судии и обвинители, обвинува Мицкоски

Мицкоски: „Никогаш повеќе“ не е само фраза, тоа е залог, да не дозволиме минатото да се повтори

Мицкоски: Ние сме најдобра земја во регионот по глава на жител

Горан Наумовски

Мицкоски: Нема одлука за избор на фирма која ќе гради катна гаража и ќе управува со паркингот во Клинички центар Скопје

Мицкоски: Се надевам дека нашиот процес на евроинтеграции ќе биде откочен со големата поддршка од Унгарија

(ВИДЕО) Орбан: Зачленувањето на Македонија оди бавно, за тоа не е одговорна земјата, туку Европската Унија