Механизмот за времена суспензија на визната либерализација, кој го усвои Европскиот Парламент, е резултат на притисокот кој се создава во земјите – членки на ЕУ поврзан со економската криза, додека непосреден повод е зголемениот број на азиланти. Овој одговор е несоодветен зашто решението на финансиската криза не може да се бара кон затворање на ЕУ туку напротив кон натамошно отворање на економиите и правење поконкурентни производи, рационализација на трошоците.
Ова го истакна во своето обраќање пред Парламентарното Собрание на Советот на Европа, шефот на македонската делегација пратеникот Александар Николовски.
– Сметам дека тој не е насочен кон ниедна земја посебно туку се однесува кон сите земји со кои ЕУ има визна либерализација, значи, покрај земјите од Западен Балкан тука се и САД и Канада. Механизмот е резултат по мене на притисокот кој се создава во земјите членки на ЕУ поврзан со економската криза. Имено немајќи соодветен одговор на кризата и намалувањето на работни места во ЕУ одговорот се бара кон условно затворање на ЕУ. Додека непосреден повод е зголемениот број на азиланти, рече Николовски.
Проблемот со азилантите е проблем на самите земји-членки заради, како што рече, некаде несоодветната, а некаде недоволно регулираната материја поврзана со ова прашање.
Позитивен пример, додаде пратеникот, е Швајцарија, која откако ги намали процедурите и го скрати времето за одговор на барањата за азил го намали бројот на баратели на азил на десет отсто од претходно.
– Механизмот на ниеден начин не може да се протолкува како укинување на визната либерализација. Тој само дава простор на поедини земји – членки на рок од шест месеци да ја суспендираат визната либерализација кон поедина земја и тоа под точно определени услови, пред се, поврзани со азилантите. Имајќи предвид дека механизмот е општ и не се однесува на ниедна земја посебно тој може да биде теоретски применет и кон Македонија и кон САД, предупреди Николовски.
Доколку се примени механизмот, рече тој, за тоа треба да има претходна најава со цел да се подготват дипломатско-конзуларните претставништва, како и да се информираат граѓаните на земјата на која се однесува. По шест месеци се поднесува извештај до Европскиот Параламент за условите и искуствата.
– Значи механизмот е многу лимитиран, не значи укинување на безвизниот режим и не треба да се злоупотребува за добивање политички поени од кого било, рече пред колегите во ПССЕ Николовски.
Визната либерализација, потсети, е големо достигнување на Македонија која беше најнапред во исполнувањето на реформите и ние сме горди на тоа. Тој ги поздрави напорите на сите надлежни институции кои прават се овој механизам да не биде злоупотребен.
Посочи дека исто така понекогаш постои контрадикторност помеѓу самите европски институции.
– На пример Европскиот Парламент донесе ваква одлука како резултат на зголемените барања за азил. Се бара од земјите да контролираат кој и за што ја напушта државата и Македонија се обидува да го прави тоа. Во исто време Македонија е за истото критикувана од ПС на Совет на Европа зашто не дозволувала граѓаните слободно да излегуваат од државата барајќи да наведат каде одат и со која цел, особено за припадниците на ромската заедница, а тоа е токму барање на ЕУ и Европскиот Парламент. Е сега во Европскиот Парламент седат пратеници избрани на Европски избори, а во ПС на Совет на Европа пратеници избрани во националните парламенти, пак од земјите-членки на ЕУ. На кого да веруваме, праша Николовски.
Од вчера до 4 октомври во Стразбур се одржува редовната есенска сесија на Парламентарното собрание на Советот на Европа, на која учествува делегација на ПССЕ на Собранието на Република Македонија, во која се шефот на делегацијата, Александар Николоски и пратеникот Игор Ивановски.