3,5 милиони евра за снегот и мразот по улиците, но сумата допрва ќе расте

Од:

За оваа зима, државните институции во земјава склучиле договори за јавни набавки за зимско одржување на улиците и патиштата во вредност од 219 милиони денари, односно 3.569.106 евра покажува истражувањето на Центарот за граѓански комуникации.

Склучени се вкупно 49 поединечни договори, коишто, покрај изнајмување возила и работници за зимско одржување, вклучуваат и набавки на сол и ризла за патиштата. Вакви тендери имаат: Јавното претпријатие за одржување и заштита на магистралните и регионалните патишта, 38 општини, Градот Скопје и Електрани на Северна Македонија.

Државното јавно претпријатие нема тендер за зимско одржување на патиштата

Најголеми се тендерите на јавното претпријатие за одржување на патишта, кое засега има склучено три двогодишни договори во вредност од по 1,3 милиони евра годишно. Но сите три договори се за набавка на индустриска сол и ризла за патиштата.

Јавното претпријатие сè уште нема склучено договор со некоја фирма за зимско одржување на патиштата, што значи дека патиштата треба да ги одржува со својата механизација.

Постапката за „ангажирање трети лица“ за зимско одржување на патиштата низ земјава е поништена во декември и веднаш е распишана нова со краен рок за доставување понуди на 10 јануари годинава.

Локалната самоуправа ќе потроши 2,3 милиони евра за зимско одржување

39 единици на локална самоуправа имаат склучено договори за зимско одржување, односно за набавка на механизација, сол и ризла за улиците и патиштата.

Од сите нив, најголем е тендерот на Град Скопје, кој за оваа намена годишно троши по повеќе од половина милион евра.

Од другите општини, највредни тендери за зимско одржување имаат Битола, околу 250 илјади евра, Кичево – 134 илјади евра, Центар – 116 илјади евра, Гази Баба – 113 илјади евра, Гостивар 96 илјади евра и Струга 92 илјади евра.

Само за Скопје има повеќе од милион евра за справување со снегот и мразот

Инаку, за главниот град Скопје, покрај тендерот на Град Скопје, тендери за зимско одржување на улиците имаат и уште осум други скопски општини. Најголемите се на Општина Центар – 116 илјади евра и на Општина Гази Баба – 113 илјади евра. Вкупно, овие осум општини исто така имаат повеќе од половина милион евра за чистење на снегот и мразот.

Ова значи дека за територијата на Град Скопје предвидени се повеќе од еден милион евра за зимско одржување и чистење на улиците.

Највреден договор, засега е оној за набавка индустриска на сол

Кога станува збор за фирмите, најголем договор има фирмата Лугос ЛЦ од Скопје, која со Јавното претпријатие за одржување и заштита на магистралните и регионалните патишта има склучено двегодишен договор за снабдување со индустриска сол за патиштата во вкупна вредност од 2 милиони и 300 илјади евра.

Втора е фирмата Нексос Инженеринг од Скопје со договорот од 1 милион и 55 илјади евра склучен со Градот Скопје за двегодишно ангажирање на специјални возила за зимско одржување на улиците.

Трета е фирмата Анизор Драшко од скопското село Шишево која има склучено договори за зимско одржување со пет скопски општини во вкупна вредност од 342 илјади евра.

Вкупната сума на трошоци за зимско одржување сигурно ќе биде и поголема ако се има предвид дека во тек се уште 13 тендери за оваа намена, чиј исход сè уште не е познат.

Многу мала конкуренција на тендерите

Просечниот број понуди на склучените договори за зимско одржување на патиштата изнесува 1,4 по тендер, што е исклучително ниско ниво на конкуренција.

За ова зборува и податокот дека дури на 71 % од тендерите имало само по една понуда.

Вистинска конкуренција од дури 6 понуди имало само на еден тендер, и тоа на најголемиот – за индустриска сол за патиштата.

Сите склучени договори за зимско одржување на патиштата и улиците се дадени во базата на податоци во отворен формат, за натамошно користење. Основа за пресметка на трошоците на институциите за зимско одржување на патиштата и улиците се податоците добиени од Електронскиот систем за јавни набавки (ЕСЈН). Во истражувањето се опфатени тендерите на сите институции на централно и локално ниво спроведени во текот на 2023 и 2024 година за зимско одржување на улици и патишта за сезоната 2024/25. Кај двегодишните тендери, во пресметките е земена сумата за една година. Истражувањето вклучува договори кои се објавени на ЕСЈН заклучно со 10 јануари 2025 година, наведуваат од Центарот за граѓански комуникации.

Би можело да ве интересира

Сообраќајот на патиштата се одвива во зимски услови по влажни коловози со остатоци од кашест снег

Постапка за семејно насилство во Велес

Поради незаконски лов, приведени четири лица од Гевгелиско

Предраг Петровиќ

ДУИ: Државниот пазарен инспекторат го укина албанскиот јазик, Албанците ќе реагираат жестоко

Предраг Петровиќ

Левица: Илире Даути ја изгуби довербата на Собранието и повеќе не може да биде претседателка на Комисијата

Скопје под снег, врнежи во цела Македонија

Предраг Петровиќ