Европската комисија финишира со подготовката на годинашниот прогрес-извештај за Република Македонија и останатите земји-кандидати и потенцијални кандидати за членство во Европската унија, што комесарот за проширување Штефан Филе официјално ќе го објави на 16 октомври.
Во тој контекст, како што јавува дописникот на МИА од Брисел, портпаролот на Филе, Петер Стано денеска во изјава за МИА потврдува дека во овој извештај за македонската држава ќе бидат содржани и како што оцени шефот на македонската дипломатија Никола поповски по средбата со неговиот грчки колега Евангелос Венизелос „планините“ меѓу Грција и Македонија во однос на спорот за името.
Според Стано, Еврокомисијата не ги коментира толкувањата и изјавите на шефови на држави и влади, но во името на Комисијата, тој посочи оти за нив „е многу важно прашањето за името да биде решено“, за што наформалната Влада на Унијата ги храбри и двете страни да најдат взаемно прифатливо решение во рамки на преговорите што се одвиваат под капата на Обединетите нации.
– Прогрес-извештајот е оценка за прогресот во сите области што се важни во пристапувањето на земјата кон Европската унија, за тоа како земјата-кандидат ги исполнува ЕУ-критериумите и како е подготвена за можно и потенцијално членство во Унијата. Во однос на БЈР Македонија, како и за сите земји од Западен Балкан, прогрес-извештајот вклучува и поглавје за добрососедски односи и регионална соработка и ние ќе ги оцениме и нотираме сите чекори преземени од Македонија во однос на подобрувањето на добрососедските односи. Исто така и за одржувањето, поддршката и подобрувањето на регионалната соработка и напорите преземени во однос на решавање на прашањето за името, што е дел од добрососедските односи, вели Стано во изјава за МИА.