Проектот на УСАИД „Младинска мрежа за стекнување вештини за врабтување” во соработка со локалната самоуправа, денеска во општинската зграда во Гостивар го основаше Локалниот економско-социјален совет.
Советот ќе служи како советодавно тело на општината и ќе ги третира прашањата од областа на вработувањето на младите и врската меѓу потребите на пазарот на трудот како што ги дефинираат работодавачите и вештините што младите во Македонија ги имаат развиено во текот на нивното формално образование.
Претседателот на ССМ д-р Живко Митревски истакна дека потпишувањето на меморандумот е особено значаен за локалните заедници, во насока на засилување на социјалниот дијалог во локалната самоуправа, анализа за потребите од формалното и од неформалното образование и усогласување на потребите на трудот и локалната заедница.
Невработеноста кај младите од 15 до 24-годишна возраст е над 50 отсто, и токму затоа примарна цел на Советот е воспоставување врски меѓу невработените млади и работодавачите, беше кажано за време на свеченоста.
Според градоначалникот Невзат Бејта, локалната самоуправа во заедничка соработка со новоформираниот Совет ќе се обиде да ја ублажи невработеноста, која во Гостивар е 24 проценти, и дека ќе го поттикне економскиот раст во градот.
Локални економско-социјални совети веќе се формирани во Струмица, Штип, Тетово и во Битола.
Г.М.