Новоизбраниот американски претседател Доналд Трамп во неделата објави дека либанско-американскиот бизнисмен Масад Булос ќе служи како висок советник за арапски и блискоисточни прашања.
Трамп ја сподели оваа објава на социјалната мрежа Truth Social. Булос, свекорот на ќерката на Трамп, Тифани, неколку пати се сретнал со арапско-американски и муслимански лидери за време на изборната кампања, пишува Ројтерс. Ова е вторпат во последните денови Трамп да избере член на семејството за да служи во неговата администрација.
Во саботата Трамп објави дека го избрал таткото на Џаред Кушнер, Чарлс Кушнер, за американски амбасадор во Франција.
Во последните месеци, Булос водеше кампања за Трамп да ја добие поддршката од либанско-американските и арапско-американските гласачи и покрај фактот што САД ја поддржаа воената кампања на Израел против Хезболах во Либан.
Но, како што пишува Ројтерс, Булос има силни врски и во САД и Либан.
Имено, неговиот татко и дедо биле значајни политички фигури во Либан, додека неговиот зет бил клучен финансиер на Слободното патриотско движење, христијанска партија поврзана со Хезболах. Неговиот син Мајкл и Тифани Трамп се венчаа на раскошна церемонија во клубот Мар-а-Лаго на Трамп во Флорида во ноември 2022 година, по веридбата во градината на Белата куќа за време на првиот мандат на Трамп.
Булош бил во контакт со различни политички актери во Либан, што е ретка појава во земја каде што длабоко вкоренетите фракциони конфликти траат со децении. Изворите велат дека Булос одржува односи со Хезболах, кој има значителен број места во либанскиот парламент и министрите во кабинетот.
Исто така, Булос е пријател на Сулејман Франгие, христијански сојузник на Хезболах и нивен кандидат за претседател на Либан. Тој е во контакт и со Партијата на либанските сили, христијанска фракција која силно се спротивставува на Хезболах, како и со независните пратеници.