Пентагон денеска објави дека Северна Кореја испратила околу 10.000 војници во Русија за да се обучуваат за борба во Украина во следните неколку недели.
Портпаролката на Пентагон – Сабрина Синг нагласи дека нема да има ограничувања за употребата на американско оружје против севернокорејските сили.
Според неа, некои севернокорејски војници веќе се приближиле до Украина и се движат кон рускиот пограничен регион Курск, каде Русија се бори да го одбие украинскиот упад.
North Korea has sent about 10,000 troops to Russia to train and fight in Ukraine within “the next several weeks,” Pentagon spokeswoman Sabrina Singh said Monday.https://t.co/X7guECl27C
— ABC 13 News – WSET (@ABC13News) October 28, 2024
Генералниот секретар на НАТО, Марк Руте изјави дека севернокорејските воени единици веќе се во регионот Курск, што претставува „значајна ескалација“ на вмешаноста на Пјонгјанг во конфликтот во Украина. Руте нагласи дека ова е „опасно проширување на војната во Русија“ и изрази загриженост за ситуацијата.
Американскиот секретар за одбрана Лојд Остин и државниот секретар Ентони Блинкен планираат да се сретнат со нивните јужнокорејски колеги за да разговараат за ситуацијата.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски на самитот на НАТО во октомври изјави дека „илјадници“ севернокорејски војници се на пат кон Русија, повикувајќи се на разузнавачки информации. Според него, 10.000 севернокорејски војници се подготвуваат да бидат распоредени во Украина на руска страна.