Израел синоќа изврши воздушен напад врз центарот на Бејрут, а жителите ги разбуди огромна експлозија. Погодена е зграда во областа Бачура, во близина на либанскиот парламент. Тоа беше првиот израелски воздушен напад што го погоди срцето на главниот град во овој конфликт, јавува Би-Би-Си.
Нападнат е и Дахие, упориште на Хезболах во јужен Бејрут. Израелската војска издаде нови наредби за евакуација на неколку области на округот, велејќи дека во иднина ќе ги таргетира објектите и интересите на Хезболах.
На југот на земјата имаше знаци дека Израел се подготвува да ја прошири својата копнена инвазија, а вчера беа испратени повеќе војници на границата.
Илјадници луѓе бегаат од Либан додека Израел ги извршува своите најтешки воздушни напади од 2006 година, кога Хезболах и израелската војска водеа разорна војна. Синоќа авиони со либански државјани кои бегаат од израелските воздушни напади пристигнаа на Кипар откако израелската армија започна копнена операција во јужен Либан против Хезболах.
„Тоа беше ужасна ситуација, навистина ужасна ситуација“, изјави Либанецот Али Абдул Хасан за новинската агенција Ројтерс по пристигнувањето во главниот град Ларнака доцна синоќа.
49-годишникот рече дека побегнал од Бејрут откако воздушен напад го погодил неговото соседство во близина на главниот град, сериозно оштетувајќи ја неговата куќа. Тој рече дека во погодената зграда биле сместени либански семејства кои веќе побегнале од јужен Либан.
Стотици илјади луѓе се раселени во земјата во последните недели поради последниот конфликт, вклучително и повеќе од 100.000 луѓе, главно Либанци и Сиријци, кои побегнаа преку границата во Сирија, според Обединетите нации.