Спорот за името на Македонија бил една од темите на синоќешната средба на грчкиот заменик премиер и министер за надворешни работи Евангелос Венизелос со американскиот државен секретар Џон Кери во Њујорк.
Грчкото МНР соопшти дека на средбата одржана на маргините на министерскиот состанок САД – ЕУ во рамките на 68. Генерално собрание на ОН, Венизелос го информирал Кери за позициите на Атина за прашањето за името, како и за последните случувања во врска со Кипарскиот проблем. Повеќе детали од разговорите не се наведуваат.
Венизелос претходно имаше среда со шефот на македонската дипломатија Никола Попоски.
Министерот Попоски по 20-минутната средба изјави дека Грција не е заинтересирана за решавање на спорот и оти меѓу ставовите на двете земји „има планини“.
– Ставовите од југот се основа на проблемот. Немаме никакво убедување дека имаат желба да станат дел од решението. За се друго можеме да бидеме партнери, но за спорот, меѓу нас се планини, рече Попоски.
Венизелос, пак, по средбата за грчките медиуми изјави дека на средбата со Попоски ги изнел грчките ставови за тоа како треба да се реши спорот за името. Венизелос, по средбата со генералниот секретар на Обединетите нации Бан Ки-мун, изјави дека Грција инсистира Македонија да го смени името, и тоа да важи во сите употреби, според грчката формула ерга омнес.
Венизелос одбегна да зборува за априлскиот предлог на амбасадорот Метју Нимиц, кој претставува обид да се приближат ставовите на двете земји, и покрај тоа што Обединетите нации најавија дека неколку недели по Генералното собрание на ОН ќе се организира нова средба на претставниците на двете земји во Њујорк.