Американскиот државен секретар Ентони Блинкен рече дека е неопходно Израел и Хамас да се изјаснат за преостанатите отворени прашања, вклучително и присуството на израелската војска во коридорот Филаделфија, со цел да се постигне договор за прекин на огнот.
„Врз основа на она што го видов, постои договор за околу 90 отсто од работите, но има неколку критични прашања што остануваат“, изјави Блинкен.
Блинкен истакна дека има и нерешени прашања за тоа како да се разменат палестинските затвореници и израелските заложници, пренесува Ројтерс. „Очекувам дека во наредните денови ќе споделиме со Израел, а тие (Катар и Египет) со Хамас ќе ги споделат нашите размислувања за тоа како точно да ги решиме преостанатите отворени прашања“, рече Блинкен, мислејќи на САД и посредниците Катар и Египет.
Тој додаде дека се уште постои шанса за нормализирање на односите меѓу Израел и Саудиска Арабија доколку се постигне примирје во палестинската енклава.
На крајот на мај американскиот претседател Џозеф Бајден предложи трифазен прекин на огнот, но оттогаш има несогласувања околу конечната верзија на договорот за прекин на огнот и ослободувањето на заложниците во Газа. Хамас ја отфрли опцијата за израелско присуство во коридорот Филаделфија, додека израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху инсистираше на тоа дека Израел нема да ја напушти областа на границата Газа-Египет.