„Слушни го ритамот на срцето“ е насловена кампањата за подигнување на свеста за здраво срце и за третман и превенција од кардиоваскуларни заболувања, која од денеска до 20 октомври ја организира Клиничката болница „Аџибадем Систина“ со Здравствената групација „Аџибадем“.
Караван со лекарски тим ќе посети 13 градови низ Македонија, каде што во периодот од 12 до 20 часот на одредени локации граѓаните ќе може бесплатно да се советуваат за здраво срце. Прегледите ќе се изведуваат во специјално опремена мобилна болница.
Целта на кампањата е проценка на здравствената состојба со одредување на степенот на кардиоваскуларниот ризик кај општата популација, преку мерење телесна тежина и висина, одредување на индекс на телесна маса, мерење на нивото на холестерол во крвта, ЕКГ и други испитувања по препорака на лекар-специјалист.
Кампањата ќе почне денеска напладне на плоштадот „Македонија“ во Скопје. Во главниот град караванот ќе биде и во деновите од викендот – во сабота во „Скопје сити мол“ и во недела кај фонтана во Градскиот парк. Потоа ќе ги посети Куманово (30 септември и 1 октомври), Тетово (2 и 3 октомври), Гостивар (4 октомври), Кичево (5 октомври), Битола (6 и 7 октомври), Прилеп (8 октомври), Струга (9 октомври), Охрид (10, 11 и 12 октомври), Кавадарци (13 октомври), Струмица (14 и 15 октомври), Штип (16 и 17 октомври), Велес (18 октомври) и повторно во Скопје на крајот од кампањата (19 и 20 октомври).
Граѓаните ќе бидат едуцирани и за здрав начин на живот и грижа за своето здравје со намалување на ризик-факторите кои се директни причинители за кардиоваскуларните заболувања, а за тоа се подготвени брошури и видеоматеријали.
Кампањата е поддржана од Министерството за здравство и во неа е вклучен целиот тим од Кардиоваскуларниот центар на „Аџибадем Систина“.