Голем скандал ги тресе Параолимписките игри во Париз. Учесничка од Руанда, чиј идентитет се уште е непознат за јавноста, исчезнала во Париз пред неколку дена, откриваат француските медиуми.
Националната седечка одбојкарка го напуштила кампот во кој престојувала нејзината делегација и исчезнала без трага.
Наводно отишла во ресторан и повеќе не се вратила. Нејзиното исчезнување еден ден подоцна го пријавил претседателот на Олимпискиот комитет на Руанда, а француското обвинителство веднаш покренало истрага.
Ова не е прв пат спортистите да исчезнат на Олимписките игри. Минатиот месец, кубанската џудистка побегна во Шпанија, каде се надева дека ќе добие азил и еден ден ќе ја претставува Шпанија.
На Олимписките игри во Лондон во 2012 година, пет боксери, еден пливач и еден фудбалер од Камерун избегаа од Олимпиското село.